Песната „Арома(н)тична“ на македонскиот проект Мојра во финале за наградата „Милан Младеновиќ“


Композицијата „Арома(н)тична“ на македонскиот музички проект Мојра влезе во најтесниот круг за наградата „Милан Младеновиќ“ за најдобра песна во регионот.

Наградата ќе биде доделена од Фондацијата „Милан Младеновиќ“ на 21 септември. Таа секоја година симоболично се доделува на роденденот на Младеновиќ, легендарниот српски рок музичар, најпознат како пејачот на Екатерина Велика.

Мојра во март ја објавија нивната композиција „Арома(н)тична“, чиј звук во себе содржи елементи на филмска музика измешана со староградски примеси, сето потковано со џез хармонија. Таа беше придружена со еднакво впечатлив спот – рачно изработена анимација во „stop motion“ или „кадар по кадар“ стил. Станува збор за макотрпна анимациска техника која вклучува сликање вистински предмети кои малку по малку се поместуваат од слика во слика, за да кога ќе се спојат сликите во видео се направи илузија на движење.

Во полуфиналето оваа година беа номинирани и македонските артисти Луфтанза, за нивната песна „Кула“, Fiction, за нивната песна „Допир“, и Дупер, за нивната песна „Тие места“. Во 2022 година, пак, македонската пејачка Дина Јашари ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ со нејзината песна „Дома“.

Впрочем, од петчленото жири, двајца членови ја истакнаа македонската сцена како највозбудлива и најквалитетна.

„Особено ме заинтригира македонската сцена. Со секое ново слушање на песните од Македонија, тие ми стануваа поинтересни и повозбудливи“, вели Дубравко Јагатиќ од Хрватска.

Никола Врањковиќ го истакна квалитетот на музиката на екс-југословенската сцена, но истакна дека нема доволно поддршка од медиумите за да таа се шири низ регионот.

„Никогаш немало проблем со талентирани изведувачи и автори во регионот. Проблемот е во медиумската поддршка за овие луѓе, од земја до земја – во медиумското претставување на уметници од една земја во друга. Она што навистина ме изненади е тоа што моментално најмногу добри бендови доаѓаат од Македонија. Она што го слушнав меѓу пријавените на конкурсот буквално ме натера да преслушам цели албуми. Не сум само пријатно изненаден – од некои од артистите сум и воодушевен“, вели Врањковиќ.

Во конкуренција со Мојра во „суперфиналето“ се песните „Десна страна књиге“ од хрватската пејачка Лени, „Мирила“ од хрватскиот бенд Немечек, „Никад нико“ од српските Шкофја Лока ВИС и „После једног пролеќа“ од српската пејачка Тамара Мило. (Мета)