Песна на Славко Јаневски во архивите на магазинот „Атлантик“ во 1962

Познатиот американски магазин „Атлантик“, една од најстарите публикации во светот, ја дигитализираше својата архива и сега во неа може да најдете материјали од 1857 до денес. Како и денес, „Атлантик“ за целото тоа време објавува анализи, есеи, извештаи, колумни и литературни дела.
Во изданието од декември 1962 година („Атлантик“ е месечник) е отпечатена песна на големиот македонски писател Славко Јаневски „Љубов за љубов“ во која тој на свој начин пее за убавините на Македонија. Препевот е на Доријан Кук. Ова е само мал доказ дека македонската литература само 17 години по кодифицирањето на македонскиот литературен јазик брзо го пробиваше патот низ сите светски меридијани.

Песната на Славко Јаневски е отпечатена на 94. страница од бројот од декември 1962.