Перински чека „Вреди“ да иницира промени на законот за назначување градоначалници


Фото: Б. Грданоски

 

Уште нема никаква иницијатива за измена на законот за локална самоуправа со која ќе се овозможи назначување градоначалници пред завршување на нивниот мандат, во случај кога општините остануваат без градоначалник, затоа што тој добил друга функција за извршување. 

По последните парламентарни избори, три општини во Македонија (Аеродром, Гостивар и Сарај) останаа без градоначалници, кои станаа министри, па на нивно место, според актуелниот закон, беа назначени в.д. градоначалници.  Прашањата за градоначалниците и предвремените локални избори ги регулираат Изборниот и Законот за локална самоуправа. Станува збор за членот 16 од Изборниот и за членот 54 од Законот за локална самоуправа, кои би биле предмет на евентуалните измени со оглед дека тие ја содржат одредбата дека предвремени избори не се организираат само ако до редовните има помалку од шест месеци.

Следните локални избори во Македонија треба да се одржат во октомври 2025 година. 

Коалицијата „Вреди“ предлагаше да нема предвремени избори доколку градоначалникот што заминува отслужил половина од својот мандат, односно, доколку до редовниот термин за локални избори има помалку од две години. 

Иако функционерите од „Вреди“ повеќепати најавуваа дека такви измени ќе предложат уште на првата седница на Собранието, тоа не се случи.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски го најавија јавниот повик за доделување средства за капитални проекти на општините, рече дека таков предлог досега нема видено.

„Вреди требаше да преземе иницијатива во дел на измените на Законот за локална самоуправа коишто се однесуваат на временскиот рок за престанок на мандат по сила на закон. Јас предлог-закон сѐ уште немам видено, а што се однесува до Законот за локална самоуправа во целина, се работи за системски закон за којшто е потребно двотретинско мнозинство, закон којшто е стар повеќе од две децении и реално закон којшто е зрел за адаптација. Го предвидуваме во нашиот акциски план и се надевам следната година низ една широка дебата ќе влеземе во постапка на еден нов модерен закон за локална самоуправа“, рече Перински.

Тројцата в.д. градоначалници на општините Сарај, Аердором и Гостивар, веќе два месеца се на функцијата.