Перински: Локалните самоуправи мора поревносно да си ги собираат своите сопствени приходи


 Доколку го зголемат нивото на наплата на данокот на имот и комуналните такси општините самите ќе си обезбедат повеќе пари за инвестиции, порача денеска од тетовско Теарце министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Одговарајќи на новинарско прашање за промени во фискалната децентрализација во однос на општините, тој рече дека фискална децентрализација е жива материја и не е затворена како тема, како и дека постојано се комуницира со локалните самоуправи, водејќи сметка и за состојбата на централниот буџет поради потребите за сервисирање на државниот систем.

– Оваа година има зголемување во делот на приходите шест проценти од ДДВ и персонален данок којшто е насочен кон локалните самоуправи. Сметам дека сме на солидно ниво, но сметам дека е поставена оваа фискална децентрализација на солидно ниво. Дополнително оваа година предвидуваме 100 милиони евра за општините, следната година предвидуваме 250 милиони евра за општините. Кога зборуваме за фискална децентрализација, она што постојано го апелирам за локалните самоуправи е дека мора поревносно да си ги собираат своите сопствени приходи, а тоа се даноците на имот и комуналните такси. Едноставно не можеме да се пофалиме со процент кој се движи некаде 50 отсто, дека е соодветно собирањето на сопствените извори на финансирање. На годишна основа локални самоуправи од тоа што несоодветно го колектираат данок на имот и комунални такси губат од 100 до 120 милиони евра. Замислете со интервентна мерка ќе опфатиме повеќе од 274 проекти со овие 100 милиони евра, а замислете ревносно да ги собираат локалните самоуправи тие 100 милиони евра секоја година ќе има нов и нов инвестициски циклус, истакна Перински.

Општина Теарце беше една од неколкуте кои не добија средства за капитални инвестиции од т.н унгарски заем, но според Перински пролонгираниот рок до 15 ноември ќе биде прилика и тие да докомплетираат документи.

– Ме информираше градоначалникот дека ќе ја докомплетира документацијата и се надевам дека во овој прв повик ќе влезе во фаза на финансирање. Сите општини имаат аплицирано, само една општина има аплицирано со проект којшто е веќе започнат и кој не може да се влезе во фаза на финансирање и се надевам на следниот повик кој ќе следи следна година и таа општина ќе добие од овие средства, рече Перински од Теарце на промоција на проект за енергетска и финансиска ефикасност.

На новинарско прашање што ќе се преземе доколку четирите општини финансираат албанска академија за науки и уметности, Перински рече дека во закон за локална самоуправа во член 11 став 7 точно стои дека локалните самоуправи и приходите кои ги собираат треба да ги трошат во насока на остварување на законски утврдени надлежности.

– Албанска академија за науки и уметности не е опишана во оние членови, во членот 22 од Законот за локална самоуправа коишто се основно надлежности на локални самоуправи. За да финансира една локална самоуправа треба да помине на Совет, дали ќе помине или не, тоа оставам на советниците. Едноставно законот покажува тоа, тука имаме и државен инспекторат за локална самоуправа, тука е Уставот. Јас би апелирам да не се прават проблеми таму каде што ги нема. Ние треба ревносно да работиме и да ги остваруваме потребите на граѓаните. Јас велам дека немаа право, точно е опишано во член 11 став 7 во ЗЛС, закон за здруженија е друго. Инспекторатот секако си ги цени законитостите на одлуките кои ги носи советот, така да почекаме да видиме, истакна Перински.

Владата нема официјален став од градот Белград за евентуална донација на автобуси. Перински рече дека системски треба да се пристапи кон решавање на проблемите во Град Скопје и другите локални самоуправи и дека во периодот кој следи ќе дадат соодветно решение за надминување на тие проблеми.