Пеплосана викендицата на Пандов, тој се сомнева дека ја запалиле криминални банди


Директорот за управување санкции, Александар Пандов, вчеравечер во 18:45 часот пријавил дека ја нашол неговата викенд куќа изгорена. Од снимките може да се види дека таа е целосно пеплосана, а од нејзе не излегува ниту чад, ниту пак има присуство на Противпожарна бригада – што упатува на тоа дека истата била запалена можеби и денови претходно. Според пријавата, станува збор за објект кој не се користел цело време.

„Денеска (29.04.2025) во 18.45 часот во СВР Скопје А.П.(54) од Скопје пријавил дека била опожарена неговата викенд куќа во с.Орешени, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Пандов смета дека криминални банди му ја запалиле куќата, оти им го одзел комодитетот кој го имале пред тој да стане директор на Управата за извршување санкции.

@Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации? Ова е цената за
удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор
за смислен атак на криминалците! Нема да не запрат и нема да не поколебаат. Никој не е над законот! Нема враќање назад кога се бориш за правдата. И кога ќе тргнеш против криминалот, тој се брани со насилство. Но ова нема да ме запре — напротив, само не зајакнува!“, напиша Пандов.

„Најостро го осудуваме палењето на куќата на директорот на управата за извршување санкции Александар Пандов и повикуваме на итна и брз реакција од страна на институциите“, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат. Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата. Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна. Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши, за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност“, истакнуваат од владејачката партија.