Ристо Пенов: Ме фаќа страв како се нафаќаат да бидат градоначалници

Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, во интервју за порталот „Трн“ зборува за ентузијазмот и предизвиците од неговото време, кога „немавме ни една ингеренција“, но сепак се реконструираа 114 улици и се воведоа основни инфраструктурни решенија како атмосферска канализација.
Според него, денешните проблеми на Скопје се резултат на децении нефункционален систем, недостиг на знаење и запоставување на т.н. „невидливи“ проекти.
„Ме фаќа страв како се нафаќаат луѓе да бидат градоначалници – не заради храброст, туку заради неразбирање што ги чека,“ истакнува тој.
Пенов повикува на системско ресетирање и враќање на стручноста. Тој зборува за денешното Скопје како за „град без систем“. Приватизацијата на топлификацијата, недоволното ширење на мрежата, недостигот на вода и загадувањето се симптоми на истиот проблем: „Сите тие системи страдаат, и некој треба да ја врати ингеренцијата во градот.“
Критичен е и кон законите кои дозволуваат целосна искористеност на парцелите: „Никаде во светот не постои 100% искористеност на парцела. Ти треба простор и за живеење, и за паркирање, и за воздух.“
Кога зборува за јавниот превоз, Пенов е јасен: „Автобусите не се решение ако заглавуваат во гужва. Потребна е жолта лента, која ќе се почитува. Но, тука доаѓаме до друг проблем – сообраќајната полиција е државна. Градот нема ингеренција ни таму.“
Прашан за трамвајот или БРТ системот, изјавува радикално: „Ниедно ни друго. Само жолта лента и контрола – тоа е почетокот“.
Како пример, ја споменува изградбата на мостови и спортската сала: „Немавме стручњаци. Моравме да бараме луѓе од Белгија и пензионирани инженери од Македонија. Тоа не е нацрт само – тоа е жив процес.“
На прашањето кои се приоритетите за следната администрација, Пенов без двоумење одговара: „Загадување, ѓубре, јавен превоз. Ништо од ова не е решено“. Спомнува анализа од Светска банка од 2002 година за отпадот која никој не ја имплементирал. Говори и за потребата од механизација, не само собирање отпад, туку метење улици, одржување зеленила, и сеопфатно чистење. Според него, Скопје не смее да се води со „шминка“ и популизам.
„Подобро е да решиш атмосферска канализација, отколку да ставиш клупа. Но клупата се гледа, канализацијата не се гледа.“