Пенов или Пановски – и ЛДП избира кандидат за градоначалник


Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов и актуелниот советник во Град Скопје, епидемиологот Никола Пановски се главни фаворити за кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на ЛДП, пишува А1он.

Според извори на медиумиот, оваа одлука била донесена на вчерашната седницата на Централниот одбор на партијата, каде мнозинството гласови одлучиле во трката да се приклучи еден од овие партиски кадри.

Ристо Пенов е познат на јавноста како искусен политичар, кој беше градоначалник на Скопје во два мандата, од 1996 до 2005 година, период во кој иницираше и реализираше повеќе значајни инфраструктурни и урбани проекти во главниот град. Познат е по својот умерен и принципиелен стил на политичко делување.

Никола Пановски, еден од водечките експерти во областа на јавното здравство, стана пошироко препознатлив по своите стручни ставови и анализи за време на пандемијата со КОВИД-19, каде јавно укажуваше на проблемите во здравствениот систем. Во последниве години е активен и во политичкиот живот како член на Советот на Град Скопје, каде настапува критички и со барања за отчетност и одговорност во управувањето со градот.

Освен Пенов, Либерално-демократската партија (ЛДП) низ годините имаше повеќе истакнати кадри кои остварија значајни успеси на локалните избори, особено во Скопје и дел од општините низ државата, како што беа Жерновски во Центар и Костадинов во Виница.