Пенов и Ѓорѓиевски со спротивставени ставови околу финансирањето на општините од страна на централната власт


Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, воедно и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, имаат спротивставени ставови околу финансирањето на општините од страна на централната власт. Министерот Пенов вели дека се финансирани 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од 850 милиони денари и 192 проекти од ИПА2 Програмата на ЕУ, кофинансирани од буџетот на државата, додека градоначалникот Ѓорѓиевски тврди дека единиците на локалните самоуправи не добиваат доволно финансиски средства и дека има уназадување на односите со централната власт.

-Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, преку буџетските програми за рамномерен регионален развој и за намалување на диспаритетите оваа година финансираше 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од 850 милиони денари или над 14 милиони евра за подобрување на патната и комуналната инфраструктура, за опремување на комуналните јавни претпријатија, управување со отпад, регулација на речни корита и други приоритетни прашања за граѓаните, посочи министерот Пенов на Годишната конференција за децентрализација и локално управување во организација на Министерството за локална самоуправа и УНДП.

Додаде дека оваа година заокружен е и вториот ИПА Програмски период во кој што, како што посочи, преку петте ИПА Програми за прекугранична соработка се финансирани 192 проекти во вредност од 60 милиони евра. Кофинансирањето од 9 милиони евра е обезбедено од буџетот на државата. 

-И овие проекти се имплементираат во општините. Тоа се, пред се проекти за подобрување на енергетската ефикасност, реконструкција и изградба на детски градинки, на училишта и на други јавни објекти. Подобрена е опременоста на територијалните противпожарни единици, рече министерот Пенов.

Додека градоначалникот Ѓорѓиевски, вели дека познато е дека единиците од локалната самоуправа не добиваат доволно финансиски средства и истовремено не ја добиваат и потребната доверба од централната власт. 

-За многу надлежности префрлени ни се многу помалку средства од реалните трошоци потребни за спроведување на таа услуга и затоа сме принудени како локални самоуправи, тие недостатоци да ги покриваме од приходите што се наменети за други развојни програми во нашите општини, истакна Ѓорѓиевски.

Исто така нагласи дека во земјава не се почитува европската повелба за локална самоуправа, каде што, како што рече стриктно е нагласено дека за секоја префрлена надлежност на локално ниво централната власт треба да префрли и соодветни средства за нејзино спроведување. 

-И наместо да се јакне децентрализацијата на власта, која со себе носи зголемена демократија и учество на граѓаните во креирање на сопствените потреби ние имаме за жал уназадување, игнорантски однос на централната власт кон општините, недоверба и застој во спроведување на потребните реформи на локално ниво, вели Ѓорѓиевски.

Ако се има во предвид дека 70 проценти од европското законодавство треба да се имплементира на локално ниво, според него тоа значи дека општините треба да добиваат неспоредливо многу повеќе средства од ова што го добиваме досега. 

Ѓорѓиевски го потенцираше и недостатокот на канализациски и водоводни мрежи во многу општини, како и дивите депонии за кои, како што кажа, резултати не покажала ниту централната власт, состојбата во образованието каде што рече дека недостасуваат некаде 30 проценти а некаде до 50 проценти средства што ги добиваат од блок дотациите, за кадарот на градинките, платите на локалните службеници итн.

-ЗЕЛС во своите систематизирани ставови во 2024 година, меѓудругото се залага за повторно отпочнување на процесот на реформи во локалната власт, реформи за обезбедување на финансиска стабилност, реформи во организационата поставеност на општината и советите, како и за натамошниот развој на децентрализацијата, односно префрлување на нови надлежности на општината, но поткрепени со соодветни финансиски средства.

Додаде дека поддршката од изработка на нови анализи што би обезбедиле објективни показатели за чинењето на новите услуги од префрлените надлежности е добредојдена. 

-Целта е централната власт да им префрли на општините онолку средства колку објективно би ја чинеле општината за нејзино спроведување, затоа и бараме поголема доверба во локалната власт, а на централната и останува да врши соодветен надзор на она што ние го работиме, кажа Ѓорѓиевски.