Пендаровски: За јазикот и идентитетот не може да се дискутира, нонсенс е дека нашата историја до 1945 била бугарска


Основа на нашиот идентитет е нашиот јазик, потоа историјата, нашата заедничка историја со нашите сонародници, нагласува претседателот Стево Пендаровски во интервју за ЕУобсервер и додава дека за јасикот и идентитетот не може да се дискутира.

Не е тајна, посочува претседателот, дека го кодифициравме македонскиот јазик во 1945 година, но тоа е посебен јазик, многу близок до бугарскиот, но тој не е и не бил бугарски јазик.

За Пендаровски историски нонсенс е тврдењето на Бугарија дека целата наша историја до 1945 година била бугарска и дека сѐ од 10 век до 1945 година било бугарско.

-Тие велат дека етничките Македонци навистина постојат … (но) дека одеднаш се разбудивме едно утро (во 1944 година) и рековме:„ Аха! Ние сме навистина етнички Македонци сега, (но) вчера, бевме етнички Бугари, додава Пендаровски.

Тоа, според претседателот, е апсолутна историска бесмисленост.

И, како што пишува Еуобсервер, не би било важно што мисли за ова прашање Бугарија, ако Софија не ги блокира пристапните преговори додека Северна Македонија формално не ги прифати нејзините ставови.

За бугарската позиција дека „македонски јазик и идентитет немало до 2 септември 1944 година и дека нивното создавање било дел од сеопфатно формирање на одделен небугарски идентитет со цел да се прекинат врски меѓу тамошното население и Бугарија“, Пендаровски вели дека „не може да прифатиме дискусија за ова прашање… тоа е лудо“.

Според бугарските барања, кога Македонија ќе се приклучи кон ЕУ, секое споменување на „македонски јазик“ во документите на Унијата треба да биде со ѕвездичка дека „таков јазик постои само според Уставот на Република Северна Македонија“. Освен тоа, Софија вели дека процесот на проширување не смее да легитимира етнички и јазичен инженеринг што се случил во време на претходно авторитарни режими, пишува „ЕУобсервер“.