Пендаровски за годишнината од инвазијата: Единствен правилен исход е Украина да победи

На 24 февруари, милиони од нас направија избор: не бело, туку сино-жолто знаме. Не бегство, туку средба со непријателот, отпор и борба.Ова беше година на болка, жалење, вера и единство. И ова е година на нашата заедничка нескршливост. Знаеме дека ова ќе биде година на нашата заедничка победа!
Со овие зборови претседателот на Украина, Володомир Зеленски, ја одбележа денес годишнината од руската агресија врз Украина која однесе стотици илјади животи на двете страни, меѓу кои и многу цивили, предизвика економска и енергетска криза во Европа, донесе застрашувачки уништувања, потсети на грдата страна на бесчовечноста, но и го урна митот за суперсилата на Русија.
Македонија денес беше една од државите во кои се одбележа годишнината и се повтори безусловната и неограничена поддршка за враќање на слободата и на суверенитетот на Украина. Притоа од невладината Цивил беше организирана изложба, видео промоција и конференција на која присуствуваа повеќе државни функционери, преставници на украинската амбасада и преставници на дипломатскиот кор во земјата.
Претседателот Стево Пендаровски, зборувајќи на настанот, рече дека оваа трагедија влезе во нашите мисли и во нашите домови и никого не остави рамнодушен, дека нема никакво оправдување за агресијата на Русија и дека со неа таа директно го прекрши меѓународното право.
-Русија ги прекрши сите меѓународни правни акти, а нејзините војници изминатата година извршија грозоморни злосторства несвојствени за цивилизирани општества, рече Пендаровски додавајќи дека во демократскиот дел од светот не смее да има двоумење дека тие злосторства мора да бидат истражени и сторителите да бидат изнесени пред правдата.
Според него за секое морално човечко суштество единствен правилен исход на оваа војна е Украина да биде ослободена, а изборот кога и под кои услови ќе настапи мирот треба да го направат украинските граѓани.
Талат Џафери, кој беше прв македонски политичар кој отпатува во Украина, порача дека онолку колку што треба и онолку колку што можеме – ќе му даваме поддршка на украинскиот народ. Како политичар со војнички бекграунд, нагласи тој, мислел дека ништо не може да го изненади, но не било така кога ги видел последиците и жртвите од руските напади, потенцирајќи дека видел сведоштва за стотици деца, жени и старци убиени и усмртени со глад. Тој инвазијата на Русија ја окарактеризира како „алчност и аспирација за приграбување на туѓото“, констатирајќи со жалење дека човештвото не ја научило лекцијата дека треба да ужива во тоа што веќе го има. Тој го оспори и тврдењето на Русија дека само се брани и сака мировен договор порачувајќи и на Москва дека патот до мирот е на маса, а не држејќи ги другите на нишан.
-Да не дозволиме се да се претвори во пепел. На еден или на друг начин тоа што се случува во Украина се рефлектира и кај нас, рече Џафери.
Украинската амбасадорка Лариса Дирк рече дека отпорот кон руската инвазија може само да се зголемува и дека одлагањето да се обезбеди неопходното оружје на Украина само го зголемува бројот на жртвите, а најголема поддршка за нејзината земја сега е да се забрза победата.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ порача дека рускиот напад е напад на европските вредности и дека тешко е да се остане неутрален, а министерката за одбрана Славјанка Петровска, која штотуку се врати од Украина, сведочеше за злосторствата со кои се соочила – семејство со две деца убиени во кола, застрелан 70-годишен пензионер и други убиени цивили во Буча. Без оглед на жртвите, оцени таа, се вратила уверена дека Украина ќе победи бидејќи никој не може да им ја одземе на Украинците љубовта кон татковината. (С.Ј.)