Пендаровски во посета на Шведска на форум за холокаустот


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе престојува во работна посета на Шведска, по повод учеството на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против антисемитизмот „REMEMBER – REACT“ (Запомни – Реагирај).

Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, денеска во Малме ќе се обрати на  форумот, на сесијата „Зачувување на сведоштва и развој на образование за иднината“.

На маргините на форумот, Пендаровски ќе оствари средби со претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд Лаудер, со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва, и со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот. Во Малме претседателот Пендаровски ќе ја посети Македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, каде ќе оствари средба со претставници на македонски друштва од градот.

Утре во Малме, претседателот Пендаровски ќе оствари средба со премиерот на  Шведска, Стефан Левен, додека во Гетеборг ќе оствари средба со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска.

Во петок во Стокхолм,  Пендаровски ќе оствари средба со претседателот на парламентот на Шведска, Андреас Норлен, со дел од членовите на комисијата за надворешни работи, комисијата за европски прашања, претседателот на групата за пријателство на Парламентот на Шведска со Собранието на Македонија.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде и со претставници на Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА).

Во Стокхолм претседателот Пендаровски ќе ја посети Нобеловата фондација и ќе оствари средба со претставници на водечки политички фондации и институти. Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба и со шведскиот дипломат Карл Билд.