Пендаровски во прва официјална посета на Грција
Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Грција, каде што ќе се сретне со највисоките грчки претставници. Прецизирано е дека грчката претседателка Катерина Сакеларопулу денеска ќе го пречека Пендаровски на официјална церемонија со државни и воени почести во претседателската палата во Атина, по што ќе имаат „тет-а-тет“ состанок пред пленарната средба на делегациите на двете земји.
За време на дводневната посета, претседателот Пендаровски ќе се сретне со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, како и со градоначалникот на Атина Костас Бакојани, а ќе положи венец на Споменикот на непознатиот херој пред грчкиот парламент. „Претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска, која ќе ја посети Националната галерија во Атина заедно со Лина Мендони, министер за култура и спорт на Грција“, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.