Пендаровски: Во европска држава не се одземаат стекнати права со попис
Претседателот Стево Пендаровски, на состанокот организиран од Државниот завод за статистика околу пописот, порача дека по консултациите што ги направил со експерти е убеден дека самото законско решение не е пречка да се одржи успешно пописот.
-Проблемите не се ниту законски, ниту технички, ниту здравствени, туку во неговата непотребна политизација, која се креира во јавноста со повици за бојкот ако резултатите не отсликуваат нечија замислена бројка. Тие не доаѓаат од една страна и се рефлексија на стравот од резултатите, што пак произлегува од концептот на човекови права како збир на привилегии што некој некому ги дава. Затоа, кога се пребројуваме во регионот се уште веруваме дека силата е во бројките и дека само така ги остваруваме правата. Но, човековите права не се привилегии што можат да се одземат или изгубат во зависност од нечија одлука или волја и тие не зависат од бројката. Во демократска држава со европска иднина стекнатите права не сметат да се одземаат туку само да се зголемуваат.
Ако постои една работа што треба да не исплаши, тоа е таа на иселени граѓани,на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага за подобра иднина. А, се иселуваат од секоја етничка и верска припадност, и од сите општини и градови. Тоа се чувствува најмногу на локално ниво и вие како градоначалници сигурно познавате ваши сограѓани кои купиле карта за еден правец. Пописот ќе не соочи со стравот колку всушност сме малку. Место да се обвинуваме кој колку придонел за тоа, треба да бараме заеднички решениеја за намалување на иселувањето, рече пендаровски пред премиерот Зоран Заев, спикерот на Парламентот Талат Џафери и градоначалниците.
Тој ги повика нив како и сите политички фактори да им помогнат на институциите подобро да си ја завршат својата служба во интерес на граѓаните.
-Ни треба попис чии резултати ќе бидат признати, а ќе го деполитизираме ако сите релевантни политички фактори упатат јасни пораки во правец на стекнатите права во државата. Ако нешто зависи од резултатите на пописот не се правата на граѓаните туку развојните стратегии. Лично очекувам сите политички преставници да бидат на висина на историскиот предизвик, зошто пописот ќе биде тест за зрелоста на државата и ќе помогне да се обнови довербата на граѓаните во институциите и меѓусебната доверба независно од етничката прпадност. Во таа смисла попречувањето на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, рече претседателот на државата.
Премиерот Заев рече дека пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција според стандардите на ОН и Евростат, за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање. Според него, тој ќе даде реална фактографска слика за состојбата во државата и ќе ги исправи последиците од огромната недозволива пауза од 20 години од последниот релевантен попис. Тој притоа ја нарече нова неодговорна постапка најавата за бојкот на пописот од страна на опозицијата, порачувајќи дека тоа е најлошата можна одлука на некој политички субјект која, освен што е правно неодржлива, туку носи и штета на државата и значи отсуство на елементарна свест дека без попис не можеме да планираме каков било развој од економски и друг аспект.
-Кому му одговара да имаме иднина планирана врз основа на податоци стари 20 години?- запраша премиерот додавајќи дека никој не сака да инвестира во ваква земја која не може да обезбеди ни елементарни точни податоци.
Притоа, ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на оваа одговорна статистичка операција и да ја исполни својата одговорна улога во државата. Ги повика и градоначалниците да го поддржат пописот бидејќи на државата и требаат сите податоци што можат да се добијат со него, а не само етничката припадност, и од нив да се види развојот или стагнацијата на едно општество. Важно е, прецизираше Заев, да се утврди точниот број на населението во земјата, и не само вкупниот, туку и на тоа на локално ниво, по регион. Пописот ќе ни каже колку од зградите во кои живееме се енергетски ефикасни, колку се грејат на струја, колку на парно, колку имаат пристап за лица со попреченост …Овие податоци живот значат, порача Зав.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот закажан за април месец ќе биде објавена во Службен весник како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детал за неговото спроведување.
-Методологијата во детали го објаснува целокупниот процес на спроведувањето на пописот. Севкупна е и таму се содржани сите дефиниции на поимите што се дел од пописот, дефиниции на сите категории на населението, сите обврски на учесниците во пописот до најситните детали. Таму се сите белези за кои што ќе се собираат податоците, начинот на кој што ќе се собираат податоците за тие белези, значењето на белезите, која е примената на тој податок понатаму. Значи до најситни детали е објаснета целокупната постапка. И она што е многу важно, за прв пат во досегашната практика ова ќе биде објавено во Службен весник, значи ќе биде јавен документ и секој граѓанин ќе може да биде запознает со тоа што ќе работиме во најситен детал, рече Симовски во изјава за медиумите пред да замине на средбата на државниот врв со градоначалниците и секретарите на општините.