Пендаровски утре во Брисел на состаноци со челниците на ЕУ
Пеетседателот Стево Пендаровски утре престојува во Брисел и ќе има средби со челниците на Европската Унија.Од неговиот кабинет соопштија вечерва дека, на првиот ден од работната посета на Брисел, Пендаровски ќе оствари средби со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли и со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
Првата средба во утрешната агенда на македонскиот претседател е рано наутро со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, а во меѓувреме се предвидени и состаноци со европратеникот и известител за Северна Македонија, Илхан Кјучук и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
Пендаровски патува во Брисел ден по посетата на седиштето на ЕУ на српскиот претседател Александар Вучиќ. На денешната заедничка прес-конференција со Борел, Вучиќ изјави дека една од главните теми бил дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Дојдовме во Брисел во добра надеж, во надеж дека ќе ја најдеме истата решеност и од другата страна. Разговаравме и за владеењето на правото, што е дел од нашите преговори за пристап. Разговаравме, како што разговаравме пред неколку дена со европските претставници во Белград, за енергетските реформи“ –рече Вучиќ.
Тој најави нови инвестиции во Србија.
„Добивме уверување и поддршка дека заедно ќе изградиме брза пруга од Белград до Ниш, но и од Ниш до границата со Северна Македонија, што ќе биде голема промена. Од европските фондови ќе добиеме 35 проценти од средствата за изградба на пругатаОва е одлична вест за Србија“,рече Вучиќ.