Пендаровски потврди дека американскиот тим собирал факти за „црна листа“


 

Американскиот тим на санкции кој беше во земјава собирал информации за „црната листа“, смета претседателот Стево Пендаровски. Тој вели дека без оглед на нивните наоди, но и повиците од партнерите за борба против корупцијата, таа работа ќе треба да ја завршат домашните политичари и институции.

„Тоа се дипломати од Стејт департментот, доаѓале и порано, ќе доаѓаат и во иднина. Тие собираат информации за тоа што се случува во сферата на правосудството и потоа сосема автономно, независно од нас, ја формираат таа т.н. црна листа, односно листа на ентитети и лица под санкции“, рече Пендаровски.

Борбата против корупцијата и владеењето на правото беа во фокусот на вчерашните телефонски разговори и на американскиот советник Дерек Шоле со претседателот Пендаровски, но и со премиерот. Ковачевски вели дека се осврнале на резултатите од скринингот од преговорите со Европската унија, кој се очекува да заврши наредната година во ноември.