Пендаровски поддржува меѓународна помош за „Диво насеље“


Претседателот Стево Пендаровски смета дека судскиот процес за случајот „Диво насеље“ не ги опфаќа клучните актери кои учествувале во подготовката на кумановските настани. Во емисијата „360 Степени“ Пендаровски немаше дилеми дека тоа е договорен настан.

„Зафатени се воглавно луѓето кои оперативно излегоа на терен и ги направија тие безбедносни проблеми во предградието на Куманово. Колку што јас знам, а нешто знам во тој дел, не се зафатени луѓето кои дадоа наредба тоа да се направи бидејќи тоа е договорен настан, да нема никој дилеми околу тоа. И луѓето кои спроведуваа, да ги наречам, претходни подготовки за тој настан да се случи, и тие се случуваа на територијата на Косово и на територијата на Јужна Србија“, изјави Пендаровски.

Тој зборуваше и за ветувањето на владејачката коалиција за меѓународна истрага велејќи дека тој на координации пред избори инсистирал на меѓународна правна помош.

„Не знам зошто тоа досега не е направено. Тоа не е прашање за мене да го одговорам, меѓутоа и мене ме интересираше, затоа што, тврдам, дека случај кој има меѓународен аспект, а три држави се инволвирани, би било добро да се одработи со заедничка меѓународна акција. Јас апелирам до надлежните органи, да побараат помош“, рече Пендаровски.