Пендаровски поддржува брз прием на Шведска и Финска во НАТО


Фото: Б. Грданоски

 

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, вели дека проширувањето на НАТО по апликациите на Шведска и Финска е добра вест за да има траен мир во Европа. Тој се залага за брз прием на двете нордиски, досега неутрални земји, во Алијансата.

„Денешното истовремено предавање на официјалните писма за барање за прием во најмоќната воена Алијанса е испишување на уште една страница од историските промени во сојузништвото. Искрено ја поздравувам и поддржувам кандидатурата на овие значајни земји за просперитетот и безбедноста на Европа. За жал, фактот дека земји со традиционална воена неутралност со огромно мнозинство одлучуваат да ја променат, зборува дека опасноста од нови војни повторно тропа на европска врата. Со цел сеопшто посакуваниот траен мир да прерасне во реалност, проширувањето на Алијансата е добра вест“, вели Пендаровски во својата изјава.

Тој ја поздрави оваа  одлука и поддржува  брз прием на земјите кои ќе дадат придонес во колективната безбедност. „Тоа е одлука на суверени земји кои имаат право на сопствени одлуки особено кога се работи за добросостојбата на нивните граѓани. Северна Македонија, како најнова земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, има чест да ја продолжи политиката на отворени врати со нашите партнери, Финска и Шведска, особено имајќи го предвид политичкиот, безбедносниот и географскиот контекст.

Со полноправното членство на Шведска и Финска, НАТО ќе се зајакне особено во неговото источно крило, од каде и доаѓаат најголемите предизвици, што е случај со руската воена агресија на Украина“, вели Пендаровски.

Шретседателот нагласува дека одличните билатерални односи на македонија со двете пријателски земји, ќе добијат на уште посилен интензитет преку идното сојузништво.