Пендаровски отиде во Делчевско каде што се големите пожари


Претседателот Стево Пендаровски вечерва отиде во селото Тработивиште, Делчевско, од лице место да се информира за гаснењето на пожарите во овој регион и како врховен командант на Армијата да го добие рапортот за учеството на војниците во неверојатните напори за совладување на огнената стихија.

Армијата има Оперативен центар на Првата пешадиска бригада во Тработивиште, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја во државата.

Припадниците на Армијата го информираа претседателот Пендаровски за активностите во изминатите неколку дена и нивните обврски како поддршка во гасењето на пожарите во оваа област.

„Ова што го чув последно од последниот брифинг од Армијата е дека ситуацијата е под контрола, што е добро. Јас се надевам дека и временските прилики, со помалку ветер, во наредниве денови ќе ни одат во прилог. Инаку, не можевме самостојно, не можевме тоа да го исконтролираме, Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори“, истакна претседателот Пендаровски по информациите што ги добил од армиските старешини.

Претседателот Пендаровски рече дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.

„Ние имаме околу 250 војници на Армијата, тие ќе останат тука додека има потреба, ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно“, додаде претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски ја нагласи важноста од укажаната помош и поддршка од Австрија, Бугарија, Словенија, Србија. Заблагодарувајќи се и за поддршката од Европската Унија, односно, од агенцијата за цивилна заштита и за хуманитарна помош, претседателот Пендаровски истакна дека земјава, утрово, доби пристап до заедничкиот сателитски систем на ЕУ, што значително ќе придонесе за рано предупредување од пожари во земјава.