Пендаровски: Олигарсите во Македонија се повлијателни од политичарите
„Правосудството подолу не може да биде“ – е оценката на претседателот Стево Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“. Според него проблемите во оваа област се провлекуваат три децении и правосудството никогаш не станало независно од центрите на политичка и на економска моќ.
„Ја етаблиравме политиката на неказнивост. Не постои висок функционер што завршил во затвор додека „неговите“ се на власт, нема судија и обвинител што завршил во затвор во време кога е перцепиран како судија од „нашите“ тефтерчиња“, вели Пендаровски.
Шефот на државата во интервјуто додава дека според неговите проценки олигарсите во Македонија се повлијателни и полесно влијаат во судството отколку актуелните политичари, додека во однос на актуелната власт, Пендаровски посочува дека до овој момент нема добиено информација дека некој политичар по телефон издиктирал пресуда како што имавме случаи порано.
–Но, да не беа „бомбите“ на Заев и за тој период немаше да знаеме дека тоа масовно се случувало. Моја проценка е дека за време на оваа власт во однос на високопрофилните случаи далеку поголемо е влијанието на центрите на економска отколку на политичка моќ. Олигарсите во Македонија се повлијателни и полесно влијаат во судството отколку политичарите – вели шефот на државата.
Во контекст на лошите состојби во правосудството, тој го лоцира проблемот со нерасветлувањето на голем број на мафијашки ликвидации, Одговарајќи на прашањето „дали мафијата е помоќна од државата“, вели:
„Не, лошото е тоа што во овие случаи се гледа дека мафијата има поддршка од моќни луѓе во државниот апарат. Ако не процесуираш некое убиство извршено пред очевидци, тоа значи дека некој доволно моќен рекол – немој да процесуираш“.
в