Пендаровски од Глазгов: Имаме амбициозна цел до 2030 година да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%
Претседателот Стево Пендаровски кој учествува на Светскиот лидерски самит во рамки на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) во Глазгов, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, денеска присуствуваше на отворањето на самитот и се обрати на пленарната сесија на собирот.
Тој рече дека пандемијата на Ковид-19 сè уште доминира на светската агенда. Затоа не смее да се потцени еден од најголемите системски ризици врз човештвото,
„Научниците велат дека можеби останува само уште една деценија за светот да ги преосмисли фундаментално своите развојни парадигми, да ги промениме нашите животни навики и да ги закрепнеме нашите економии на цврсти и одржливи основи. Ако ги игнорираме ваквите загрижувачки трендови, следат катастрофални последици за животната средина, здравјето, безбедноста на храната и водата, односно за целокупната безбедност и развој на луѓето. Она што го ветивме во Париз, мора да го испорачаме тука, во Глазгов“, порача Пендаровски.
Појасни дека како земја-кандидат за членство во ЕУ подготвена да започне преговори, Северна Македонија веќе го транспонира европското законодавство за климатски промени во своето национално законодавство.
„Поддржувајќи го Европскиот зелен договор, подготвени сме со нашиот удел да придонесеме Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година. И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел, го усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82% во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. Осмисливме 63 политики и мерки за ублажување кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој“, додаде Пенрадовски.
Претседателот Пендаровски ќе присуствува и на приемот што за лидерите учесници на самитот ќе го приреди премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, а ќе присуствува и на настанот со кој ќе се означи почетокот на глобалната заложба за метан, како иницијатива на претседателот на САД, Џозеф Бајден и претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, како и на лидерскиот настан „Акција и солидарност – критичната деценија“, во организација на премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Главна цел на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP26) е да ги собере светските лидери за да се забрза акцијата кон целите од Парискиот договор од пред 6 години, за одржување на растот на температурата под 1,5 степени, со демонстрирање на нивната посветеност за “нето нулта стапка на емисии на штетни гасови” и заложба земјите да престанат да го употребуваат јагленот.