Пендаровски оцени дека одредбата за 60-часовна работна недела за автопатиштата била неуставна
Според претседателот, неодговорно било да се предлага закон со одредби кои веќе паднаа на Уставниот суд

Оценувајќи ги настаните околу договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатиштата претседателот Стево Пендаровски се согласи со повеќето тврдења на опозицијата, меѓу кои и дека предлог-измените на Законот за работни односи кој предвидуваат зголемување на работната недела за работниците ангажирани за проекти од национален и стратешки интерес се неуставни.
Зборувајќи во Дневникот на Сител, Пендаровски рече дека дел од овие предлог-измени се спорни. Па навраќајќи се на одлуката на Уставниот суд за 40-часовната работна недела рече: „Ме чуди затоа што Уставниот суд има донесено одлука во еден друг закон, со која вели дека 60-часовна или работна недела подолга од 40 часа, по исклучоци само може да работиш осум часа плус, е неуставна. Сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна, и за тоа ако не го исполниш да платиш 50-тина милиони евра е неодговорно“.
За него се спорни и измените во Законот за експропријација, бидејќи тие предвидуваат дека кога има конечна одлука за експропријација за некој имот, тој веднаш ќе се стави на располагање на „Бехтел и Енка“ и нема да се чека правосилност на одлуката.
„По одлуката за експропријација веднаш влегува во владение тој имот на овие што експроприраат, каде е второстепената одлука? Замислете добива во втор степен и после кој ќе би плаќа пеналите? Државата повторно“, заклучи Пендаровски.
Според претседателот Пендаровски, американската „Бехтел“ е врвна компанија, но со неа имало и нетивни искуства во држави каде има злоупотреби и криминал.
„’Бехтел‘ е фирма со репутација од 125 години. ’Бехтел‘ е во првите 10 градежни компании во светот со децении. Неколку негативни искуства што ги имаше ’Бехтел‘ во земјите од регионот, од Романија до Црна Гора, се исклучоци од правилото, инаку ’Бехтел‘ е врвна светска компанија. Зошто се случуваат овие исклучоци каде има и злоупотреби и криминал? Само ако наидеш на локални авторитети кои се податливи за тој тип на муабет“, рече Пендаровски.
Тој посочи еден многу позитивен пример од работењето на „Бехтел“: „Пред многу години, ’Бехтел‘ работеше на 25 километри од атинското метро каде на секои сантиметар има нешто од археолошки ископини. На крај потпишаа меморандум за соработка со тогашното грчко Министерство за култура и немаше ниеден инцидент во таа смисла. Го направија метрото“.