Пендаровски: Не верувам дека би се повторила Шарената револуција

Јас немам намера да бидам вечно бивш претседател, но нема да се туркам некаде каде не ми е местото. Ако има потреба, ако некој побара помош, тоа го имам соопштено и на опозицијата, пред се на лидерот на СДСМ, јас сум достапен, истакна во гостување во поткастот „Политиканти“ на Инфомакс поранешниот претседател, Стево Пендаровски одговарајќи на прашањето „како е да се биде поранешен претседател“.
Во врска со актуелната кампања за локалните избори, Пендаровски смета дека потсетува на кампањата во 1994 година, особено по вордингот кој се користи, но тоа значи дека партиите кои го користат тој речник немаат никаква друга понуда за граѓаните.
– Ако погледнете, нам сериозно Албанија ни станува Запад. Ако сакаме напредок треба да ја прошириме базата на опозиционата политика, не верувам дека ќе се повтори Шарена револуција бидејќи ентузијазам нема. Содржината на денешната кампања е идентична со камањата на 1994 година, доминираа „предавници и патриоти“, ама сега во 2025 година да се зборува за тоа е само знак дека ти немаш ништо ново, свежо да понудиш од тековен проект. Ние не тапкаме во место, туку одиме назад, нагласи Пендаровски.
Тој исто т ака посочи дека во неговиот мандат никогаш не се разговарало за носење на мигранти од Британија.
-Во моите пет години, со мене од страна на Велика Британија никогаш не се разговарало за мигранти. Имам слушано дека на пониско ниво се тестирал теренот, но никогаш не е дојдено до фаза да дојде на Влада, па да се прават концепти како да се изведе тоа. Јас кажав претходно, ние немаме потпишано стратегиски договор со Обединетото Кралство, ајде дајте ни го текстот на договорот да го видиме.
Засега немаат договорено кампови за бегалци, но според моите информации се разговара за тоа“, вели Пендаровски, кој сепак смета дека нема да бидат договорени прифатни кампови, но сепак недостига транспарентност.
Во врска со средствата кои Македонија ги добива од Британија, Пендаровски појаснува дека се работи за кредит.
– Тие милијарди не се помош, туку кредит кој ќе треба да се враќа, а проектите кои ќе се прават ќе ги работат Британци, објасни поранешниот претседател.