Пендаровски не смета дека уставните измени се „нешто страшно“


Претседателот Стево Пендаровски потврди денес дека со свој претставник учествува во работната група за уставните измени и оти со тоа јасно го кажува неговиот политички став, дека е за промена на Уставот со внесувањето на Бугарите во него.

-Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за тие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно за нас и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест, седум народи, рече шефот на државата, одговарајќи на новинарско прашање во врска со првиот состанок на работната група, на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Косово Вјоса Османи Кадриу.

Тој ја потврди оценката дека многу работа околу уставните измени всушност нема да има, иако тоа ќе го кажат експертите. 

-Јас се надевам со оглед на тоа што е обврска, која ја знае генералната јавност и сите ние ја знаеме дека тука објективно нема многу работа. Не знам колку седници ќе им требаат, но факт е дека е добро што почнува таа постапка и добро е што ќе се одвива пред очите на јавноста, тука нема скриени агенди, некој да не се плаше дека ќе се направи нешто надвор од она што е веќе воведено во Преамбулата и во нормативниот дел на Уставот за сите останати етнички заедници. Разлика нема да има за Бугарите се разбира, нагласи претседателот на државата. 

Околу писмото на американската амбасадорка Ангела Агелер во кое изразува разочараност од застарувањето на судските предмети, Пендаровски рече дека тоа не стигнало на негова адреса и дека треба да коментира само врз основа на тоа што видел во медиумите. 

Во однос на писмото, кое се спомена во медиумите и кое Американската амбасада и амбасадорката го има пратено до нашите институции, можам да коментирам само врз основа на медиумските написи кои сум ги видел. Претпоставувам дека станува збор за опис на состојбите и критиките на состојбите во делот на правосудството, во фонот на она што американската амбасадорка го зборува неколку месеци назад. Меѓутоа, не можам да зборувам во детали, затоа што такво писмо до мене не е доставено – рече Пендаровски.