Пендаровски на ИФФК „Браќа Манаки“: Уметноста е чин на храброст


 

Филмот е глас на комплексните значења на реалноста бидејќи говори во името и на утопиите и на дистопиите, а уметноста е чин на храброст, затоа што нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да не соочи со неа, истакна вечерва во Битола претседателот Стево Пендаровски, кој како покровител го отвори Интернационалниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.

Пред аудиториумот во Битола, Пендаровски го цитираше Брехт според кој уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста, туку длето со кое критички се обликува она што не е експлицитно видливо во реалноста и она што често општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат.

– Ако основната мисија на филмот е да биде во полемика со светот и неговите аномалии, тогаш фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста во естетска и во поширока општествена смисла, а нашиот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ со богата играна и документарна програма и годинава потврдува дека е токму такво јадро во континуитет, нагласи Пендаровски.

На отворањето се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Се радувам, рече Костадиновска Стојчевска, кога уметноста е прва вест, како што тоа е вечерва во чест на балканските браќа на светлината. Овој фестивал е најстар во светот посветен на умешноста и љубовта кон кинематографијата.

Во името на градот домаќин се обрати градоначалникот Тони Коњановски, а публиката во Битола го поздрави доделувањето на почесната Златна „Камера 300“ на долгогодишниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс, постхумното признание за Горјан Тозија-Медо, наградата Голема Ѕвезда на македонскиот филм и наградата Златна „Камера 300“ за животно дело која му беше доделена на Ентони Дод Ментл, британско-дански кинематографер.

Ентони Дод Ментл е филмски генијалец на нашето време, кинематограф кој со своите филмови ја создава современата историја на филмот. Добитник на Оскар и БАФТА, добитник на две награди на филмската академија, пионер на дигиталната кинематографија, член на британската, данската и американската асоцијација на кинематографери. Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски му ја додели Златна камера 300 за животно дело на големиот мајстор на филмската фотографија, Ентони Дод Ментл.

-Најдлабоко им се заблагодарувам на организаторите за ова признание. Јас овде нема да запрам, нема да се откажам, иако оваа награда ја добивам во предвечерието на кариерата, но далеку ми е крајот. На сите млади луѓе кои посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки, рече Ентони Дод Ментл.

-Битола овие денови ќе биде еден од главните центри на светската филмска мапа. По сите овие 43 фестивалски изданија реалноста не ни е доволна и секоја година фестивалот расте и се развива и сега веќе можеме да кажеме дека прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија. Фестивалот „Браќа Манаки“ е всушност еден голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија.  Ние во фестивалот „Браќа Манаки“ги направивме сите возможни и невозможни работи за 43. Фестивалско издание да биде гордост на публиката, а Битола во овие фестивалски денови да пулсира во знакот на филмската уметност, рече Симеон Мони Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Дамевски му додели на Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО, посебна награда, Почесна златна камера 300, која досега не била доделена.

– Уште кога станав претседател на ИМАГО ми рекоа, мора да внимаваш на Фестивалот „Браќа Манаки“, затоа што тоа е фестивалот каде што се слави филмската камера. И оттогаш сите даваме се да се продолжи оваа традиција и соодветно да се прослават кинематограферите и во таа насока се одржува и Балканската конференција на ИМАГО, рече Волтерс заблагодарувајќи им се на Фестивалот и на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Наградата на ДФРМ која постхумно му е доделена на Горјан Тозија, ја прими неговиот син.

– Откако знам за себе, паметам колку тој го сакаше филмот и живееше за филмот. Од него научив колку е тешка филмската професија и колкави жртви бара. Секогаш ми велеше дека нема краток пат до успехот. Знам дека понекогаш беше избувлив и гласен во своите идеи и ставови, но секогаш беше со најдобри намери. Неговата најголема желба беше да го одведе македонскиот филм и култура надвор од нашите граници, рече Гого, синот на Горјан Тозија кој се заблагодари за укажаната чест.

Свеченото отворање беше збогатено си музички настап на Трите тенори кои изведоа филмска музика од „Кум“, како и групата „Фолтин“.

На големото платно во Центарот за култура вечерва се емитува францускиот игран филм „Мајка и син“ во кој кинематограферка е Елен Луварт.