Пендаровски: Македонскиот јазик се негира од политички причини


Како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески заслужува најголема почит и благодарност. Заслужува, еден век од неговото раѓање, 2021-вата да биде година во негова чест.

Ова го истакнува претседателот Стево Пендаровски во обраќањето преку видео-порака на отворањето на Зимската школа на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, литература и култура, којашто започнува денеска и е првата активност за одбележување на овој голем јубилеј.

„Верувам дека задоволството кај сите нас е уште поголемо, што овој настан се одвива токму во годината во која одбележуваме едно столетие од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески“, вели претседателот Пендаровски.

Впрочем, како што посочува, 2021-та  ја прогласивме за година во чест на Блаже Конески и сите релевантни институции од областа на културата, науката и образованието ќе бидат вклучени во реализација на активности и проекти поврзани со оваа значајна годишнина,

„Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар. Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот“, нагласува претседателот на државата.

Изразувајќи благодарност до сите учесници, Пендаровски вели дека тие придонесуваат за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.

Согласно актуелната ситуација со пандемијата, како и во случајот со минатогодишната летна школа така и сега, како што истакнува Пендаровски, сите настани се онлајн.

Шефот на државата изразува надеж дека наскоро по започнување на процесот на вакцинирање,  човештвото, во целина, ќе излезе како победник во борбата со Ковид-19 и полека ќе се вратиме на нормалното секојдневие, така што, следната школа ќе може, согласно традицијата, да биде одржана во Охрид со физичко присуство на сите учесници.

„Како покровител на јубилејот ‘2021 – Година во чест на Блаже Конески’, импресиониран сум од сите предвидени настани и програмски содржини. Се радувам што токму преку првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во чии рамки е и Филолошкиот факултет кој го носи името на Блаже Конески, практично прв започнува со активности за одбележување на големиот јубилеј“, вели Пендаровски.