Пендаровски-Лаудер: Холокаустот не смее да се заборави и да се негира


Претседателот Стево Пендаровски кој е во работна посета на Шведска и учествува на Меѓународниот форум за сеќавање на Холокаустот и борба против анти-семитизмот „Remember – React“ (Запомни – Реагирај), денеска во Малме се сретна со Роналд Лаудер, претседател на Светскиот еврејски конгрес.

Пендаровски, како што соопшти Кабинетот на претседателот, истакна дека Северна Македонија е посветена на зачувување на споменот на Холокаустот и обезбедување историска одговорност за што презеде конкретни мерки и активности кои беа широко признаени и ценети.

Во таа насока, претседателот Пендаровски го издвои отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, усвоените работни дефиниции на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот – за антисемитизмот и за негирање на Холокаустот, усвоената Декларација по повод 75-годишнината од депортацијата на македонските Евреи, како и реализираните значителен број домашни и меѓународни семинари за едукација и обука и комеморативни настани во знак на сеќавање на жртвите од Холокаустот.

Пендаровски на средбата истакна дека Холокаустот не смее да заборави, како и дека е потребно да се едуцираат младите генерации за Холокаустот и неговото негирање. Во оваа насока, како што потенцираше претседателот Пендаровски, Северна Македонија поднесе апликација за полноправно членство во Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот, ИХРА.