Пендаровски ќе ги потпише измените во Кривичниот законик
Претседателот објаснува дека со измените во Кривичниот законик не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата

Претседателот Стево Пендаровски денеска промптно реагираше на повиците да не ги потпише измените на Кривичниот законик соопштувајќи дека тој ќе го стави неговиот потпис на овој законски документ.
Од неговиот кабинет попладнево соопштија дека „претседателот Пендаровски денеска одлучи да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик“.
Притоа кабинетот објаснува што го водело Пендаровски кон ваква одлука:
„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот.
Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.
Претседателот Пендаровски очекува мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да бидеприменувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот“.
Претходно денеска Блупринт групата за реформи во правосудството побара од претседателот Пендаровски да го го искористи уставното овластување и да не го потпише указот.
„Сметаме и убедени сме дека постапката во која беа донесени овие измени и особено нивната содржина во однос на кривичните дела се во целосна спротивност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и целосно го поткопува. Нивната примена во практиката, во случај на нивно стапување во сила, ќе предизвика несогледливи и непоправливи последици во однос на борбата против организираниот криминал и корупција и продолжување со хроничната неказнивост на високите функционери“, стоеше во барањето на Блупринт групата.