Пендаровски ѝ покажа шарпланинец на унгарската претседателка

Унгарската претседателка Каталин Новак, која денеска е во официјална посета на Македонија, според првите информации добила на подарок шарпланинец од шефот на државата Стево Пендаровски. Но, на прес конференцијата претседателот пендаровски појасни дека не и го подарил шарпланинецот туку само и претставил специфична раса на куче од Македонија.
„Со прекоманда од Армијата неодамна добив засилување во мојот кабинет. Ви го претставувам симболот на нашата традиција, македонскиот шарпланинец, тримесечниот Рок“, рече Пендаровски.
Новак, пак, додаде дека дома има две кучиња и дека немало да го пречекаат со задоволство шарпланинецот и дека била среќна што имала можност да го види и да го погали Рок.
Предвидено е таа заедно со македонскиот претседател да го посетат гробот на Гоце Делчев и да имаат средби со претставници на младински организации.
Новак беше пречекана на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести од страна на нејзиниот домаќин, по што ќе следува тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите на двете земји.
Во агендата на унгарската претседателка предвидени се и средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.
Како што најави Министерството за внатрешни работи, денеска во Скопје има посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на централното подрачје на градот. МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.