Пендаровски и Ковачевски ѝ се заблагодарија на Бербок за силната германска поддршка


 

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски на посебни средби со германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, ѝ се заблагодарија за големата поддршка што Берлин ѝ ја дава на Македонија во изминативе 30 години.

Според соопштението од кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, партнерството во НАТО, ОН и ОБСЕ, македонските аспирации за членство во Европската унија, како и за состојбите во поширокиот регион и за уставните промени.

Пендаровски оценил дека Германија е еден од најблиски сојузници и најсилни поддржувачи на Македонија на интегративниот пат кон ЕУ, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и регионот.

Во соопштението од Владата се наведува дека со премиерот на разговорите бил и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. На состанокот било заеднички заеднички нагласено долгогодишното искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство. Пренесена е јасна и конкретна порака дека Германија стои до Македонија за следниот исчекор на нашата држава во европските интеграции. При тоа е изразено очекување дека ова стратешко прашање за државата и за регионот ќе биде во преден план на сите политички субјекти во земјава.

Ковачевски го нагласил значењето на соработката со Германија на економски план, со оглед дека Германија е прв трговски партнер на Северна Македонија во последните години, петти странски директен инвеститор во земјава, во којашто работат околу 200 германски компании, дека 45 проценти од вкупниот македонски извоз оди во Германија, како и дека големата македонска дијаспора во Германија е уште еден цврст мост во меѓусебната соработка.

На средбата е истакнато и значењето на Берлински процес како движечка сила на регионалната соработка на највисоко ниво.