Пендаровски во ОН: Го прифативме компромисот како начин на решавање на проблемите


 

Шефот на државата Стево Пендаровски се обрати попладнево на Генералното собрание на Обединетите нации порачувајќи дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот и дека стравот стана заеднички именител на сите.

„Агресијата на Руската Федерација врз Украина продолжува со несмалена жестокост што е флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на принципите на меѓународното право, во континуитет. Станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти. Со секој изминат ден, се зголемуваат страдањата на украинскиот народ, се уништуваат материјални добра и расте опасноста од ескалација. Најостро ја осудуваме агресијата врз Украина, како што тоа го направија и огромен број членки на нашата организација. Се залагаме за безусловно повлекување на руските окупаторски трупи и за почитување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на нејзините меѓународно признаени граници. Повелбата на Светската асамблеја во таа смисла е кристално јасна ‒сите отворени прашања било каде во светот мора да се решаваат по мирен пат, со преговори и дијалог, со одрекување на употребата на сила“, порача Пендаровски.

Тој притоа забележа дека планетарната безбедносна архитектура, во чија основа е токму ОН, е посебно разнишана бидејќи постојана членка на Советот за безбедност илегално напаѓа земја членка на истата организација.

„Не случајно, неодамна, генералниот секретар предупреди дека ризикот од нуклеарна катастрофа, денес е на највисоко ниво по завршувањето на Студената војна. Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото. Последен час е да замолкнат барабаните на војната, да се почитува Повелбата на Обединетите нации, тргнувајќи од независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, како темелен принцип и главен резон за постоењето на светската организација“, рече претседателот Пендаровски.

Според него, војната во Украина креира состојба на општа непредвидливост и кризи коишто меѓусебно се поттикнуваат, особено во снабдувањето со храна и енергенти. Недостатокот од храна ги загрозува најсиромашните и се заканува во многу делови од светот да предизвика хуманитарни катастрофи со незабележани магнитуди.

„Даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели“, рече Пендаровски.

Тој се осврна и на климатските промени и ранливоста пред природните катастрофи.

„Регионот на Југоисточна Европа, од кој доаѓам, се соочува со досега непознати феномени: таканаречените суперклеточни луњи коишто се речиси на границата на торнада се директна последица на климатските промени. Глобалното затоплување, како што вели генералниот секретар, веќе преминува во глобално вриење. Без сомнение, светот е исправен пред егзистенцијален предизвик, а единствениот успешен противодговор е можен, само ако сите се обединиме врз една, единствена платформа. Неопходните инструменти како што е Климатскиот пакт за солидарност преку кој развиените обезбедуваат финансиска и техничка поддршка за економиите во развој се веќе поставени: правична транзиција кон зелена економија е возможна, но само со нивна соодветна примена. Според ‘Забрзаната агенда за климатска акција’, развиените земји би требало не само да достигнат нето-нула емисии до 2040-та, туку и да ги одржат ветувањата кон земјите во развој, со дуплирање на ресурсите за адаптација и надополнување на Зелениот климатски фонд“, рече Пендаровски.

Најголемите закани на денешното време: геополитичките турбуленции, војните, тероризмот, климатските промени или масовните мигрантски бранови, според неговата оценка, се случуваат во период кога меѓународните организации и целиот мултилатерален систем минуваат низ криза на идентитетот или функционалноста, а најчесто и низ двете.

„Единствениот реален одговор може да биде само обновен и зајакнат мултилатерализам којшто ќе ги уважува потребите на секоја држава поединечно, но ќе нуди и јасна визија за големата слика, за работите што нè поврзуваат, за општото добро.Не постои посоодветно место за тој заеднички потфат од Обединетите нации. Ургентна потреба на човештвото денес е враќање на предвидливоста, на раното предупредување и превенцијата во меѓународните односи. Јасно е дека предуслов за тоа се внатрешни реформи на системот на Обединетите нации, со почитување на принципите на поголема репрезентативност и инклузивност, заради рефлектирање на реалностите на денешниот свет. Притоа е потребно етаблирање на механизми за подобра функционалност, но во истовреме и за редуцирање на опциите за парализа на Организацијата. И во тој контекст, даваме целосна поддршка за одржување на Министерскиот состанок како подготовка на Самитот на иднината кој ќе се одржи во 2024-та“, рече претседателот.

Осврнувајќи се на Македонија тој порача дека од првиот ден на нашата независност, пред повеќе од 30 години, земјата на најдобар можен начин ја манифестира својата приврзаност кон принципите на мирот, продлабочената регионална соработка и решавање на отворените прашања по пат на дијалог.

„Во 1991-та година, отворивме процес на внатрешно демократско созревање, преку афирмација на правата на етничките заедници до највисок можен степен и негување на културата на дијалог при решавање на проблемите на внатрешен план, но и во односите со соседите. Го прифативме компромисот како начин на решавање на проблемите, не како израз на слабост, туку, напротив, како израз на самодоверба дека сме способни да ги заштитиме сопствените интереси без да ги повредиме интересите на останатите.

Почитувајќи ги принципите во кои самите веруваме, продолжуваме да даваме активен придонес кон мирот, стабилноста, демократските вредности, одржливиот развој и економскиот просперитет. Оваа година, претседаваме со ОБСЕ, најголемата регионална безбедносна организација, во време исполнето со предизвици без преседан, но и во такви услови, настојуваме да ја задржиме релевантноста на Организацијата, тргнувајќи од темелните принципи од Повелбата на ОН и Завршниот акт од Хелсинки.

Остануваме меѓу најголемите промотори и на регионалната соработка во Југоисточна Европа, настојувајќи, истовремено, да ги исполниме критериумите за членство во Европската унија, не подоцна од 2030-та година. Кај нас не постои дилема дека јакнењето на демократските институции, во континуитет, со загарантирана рамноправност на сите граѓани, е единствениот можен пат до поголема кохезија во едно мултиетничко општество“, рече Пендаровски.