Пендаровски го осуди нападот врз Пендиков, Ковачевски најавува истрага
Претседателот Стево Пендаровски во објава на социјалните мрежи го осуди нападот врз секретарот на клубот на бугарската заедница во Охрид, Христијан Пендиков.
„Го осудувам нападот врз секретарот на клубот на бугарската заедница во Охрид, Христијан Пендиков. Ги повикувам надлежните институции да спроведат брза и темелна истрага, со соодветна одговорност и санкции за сторителите“, пишува Пендаровски.
Бугарските медиуми јавуваат дека премиерот Димитар Ковачевски во телефонски разговор со бугарскиот премиер Галаб Донев изразил подготвеност за истрага на случајот. Донев го осуди тепањето и го оцени како целосно неприфатливо и опасно кривично дело извршено врз државјанин на Република Македонија со бугарска самосвест.
Со осуда на инцидентот се јави и претседателот на Бугарија Румен Радев, националистите од редовите на ВМРО и лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, кои повикаа на ново вето за членството на Северна Македонија во ЕУ.
-Бугарскиот претседател Румен Радев најостро ги осудува систематските прекршувања на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и влевањето омраза кон нив, што резултираше со нападот врз Бугаринот Христијан Пендиков во Охрид, соопштија од неговата прес-служба.
Секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид синоќа бил претепан, јавија бугарските медиуми, а случајот го потврди и македонското МВР.
Според извори на СДК.МК и Телма, претепувањето нема политичка позадина туку станува збор за подолга нетрпеливост. Кога тројцата охриѓани влегле во ресторанот, секретарот на бугарското здружение веќе седел на маса и почнал да ги навредува и провоцира, а по вербалните дофрлања, дошло и до физичка пресметка. Од полиција нема потврда дека инцидентот се случи поради омраза кон Бугарите, а што точно се случило ќе утврдува истрагата. Некои медиуми пренесоа делови од полицискиот билтен од декември 2022 година, според кои вчера претепаниот Пендиков бил фатен со кокаин. Се говори дека веројатно вчерашната тепачка била резултат на криминално-наркоманска пресметка, бидејќи и напаѓачите имаат криминални досиеја.
Но, бугарските власти не почекаа македонските истражни органи да ја завршат својата работа, па овој инцидент го нарекоа насилство од омраза против Бугарите, а бугарското МНР соопшти дека на македонската амбасадорка Агнеса Руси ќе ѝ биде врачена протестна нота.
И пред една година, за случај во Битола, кога беше демолиран киоскот на секретарот на културниот клуб „Ванчо Михајлов“, од членови на здружението имаше обид да биде прикажан како инцидент поради омраза кон Бугарите, но подоцна полицијата утврди дека станува збор за семејна расправија. На ист начин со години се третираше и случајот со Спаска Митрова која водеше спор за старателство за своето дете, а Софија и неа ја згрижи како ртва на антибугарска омраза. Таа го загуби спорот со Македонија во Стразбур.