Пендаровски ги чека законите за автопатиштата, па ќе види дали ќе ги потпише


 

Претседателот Стево Пендаровски прво сака да ја види конечната верзија на сетот закони за автопатските делници за да одлучи дали ќе го потпише указот за нивно спроведување. Пендаровски одговарајќи на новинарски прашања во Ново Село истакна дека не може од сега да се знае во каква конечна верзија ќе бидат тие законски решенија, затоа што можат да бидат изменети со амандмани.

„Да ја почекаме дебатата, да ја видиме конечната содржина на тие закони, мојот тим на правници и во Кабинетот и надвор од него се веќе ангажирани во следење на дебатата и на тоа што ќе излезе како конечен продукт. Во однос на процедурата мислам дека иако одат по скратена постапка, не се со европско знаменце и ќе има доволно време и за опозицијата да поднесе амандмани, да се вклучи во дебатата и да имаме аргументирана расправа како што доликува за овој важен сет закони“, рече Пендаровски.

Во однос на реакциите на експерти и граѓански организации, Пендаровски посочи дека тие реагираат во оваа фаза, а станува збор за предлози на закони.

„Реагираат во оваа фаза, но станува збор за предлози на закони, влегуваат во Собранието и опозицијата и власта може да предложат амандмани. Важно е претседателот ја гледа конечната верзија на законот и само од тоа зависи. Ако ги повредуваат правата на граѓаните ако завлегуваат во правата на трети лица итн. се разбира дека дел, или барем дел од тие закони нема да поминат, но да ги видиме во конечна верзија, нагласи Пендаровски.

Пратениците предлагачи денеска го повлекоа законот што се однесуваше за археолошкото наследство. За другите осум беше изгласан дневниот ред.