Пендаровски: Бавната евроинтеграција е закана за демократијата на Балканот


Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата на началници на генералштабови на земјите членки и набљудувачи на САД-Јадранската повелба, што се одржува во Скопје.

 

„Ако се навратиме низ историјата, Јадранската повелба, започна како формат на соработка меѓу тогашните членки на Партнерство за мир, Албанија, Македонија и Хрватска, во мај 2003 година, со цел да ги координираат своите активности во процесот на интеграција во НАТО, а, под покровителство на нашиот стратешки партнер САД. Подоцна, во текот на 2008 година на иницијативата се приклучија и Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во јануари 2009 година иницијативата доби нов формат, а проширената А5, со континуирана поддршка од САД, додаде многу повеќе во концептот на регионална безбедност и соработка на Западниот Балкан“ рече Пендаровски.

Според него, „тоа потврдува дека вратата за проширување на Алијансата останува отворена не само за земјите во регионот, туку и пошироко, за сите оние држави кои се посветени на реформските процеси, ги делат вредностите на алијансата и се подготвени да дадат придонес кон колективната одбрана и безбедност“.

Тој порача  дека „уште од самиот почеток Македонија најостро ја осуди нелегалната инвазија на Русија.

„Северна Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО и придонесува со свои капацитети за зајакнување на безбедноста на источното крило на Алијансата. Во моментов сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според соодносот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош која и ја даваме на Украина во овој критичен период. Точно е дека војната во Украина може да потрае, но ние сме подготвени да продолжиме да помагаме затоа што сметаме дека одбраната на Украина е одбрана на европскиот и меѓународниот поредок заснован на принципи“, рече Пендаровски.

Тој оцени исто така дека бавното темпо на евроинтеграцијата е една од заканите за демократијата на Балканот. 

„Пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разнишува кредибилитетот на Европската Унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа подршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување. Како што беше неспорно дека одредени странски ентитети настојуваа да го спречат нашето зачленување во НАТО, така денес настојуваат да ги спречат процесите на интеграција на земјата во Европската Унија. За таа цел, се развиваат хибридни стратегии и закани, се изведуваат сајбер напади и се продуцираат лажни вести и дезинформации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во кредибилноста на регионалните организации во кои сме или сакаме да бидеме“, подвлече Пендаровски.