Пехчево се бори против огнената стихија – градот е без вода (видео)
Водата од водоводот во Пехчево да не се користи за пиење, а никако за наводнување на градините
Повици за помош со вода стигнуваат утрово од Пехчево, во чија околина од вчера гори огромен пожар, a утрово од 6 часот камбаните бијат за тревога.
Водата од водоводот во Пехчево да не се користи за пиење, а никако за наводнување на градините, бидејќи се празнат резервоарите на филтерстаницата, а водата е потребна за гасење на пожарот, повикува градоначалникот Александар Китански преку социјалните мрежи.
Од ЈКП „Комуналец“ Пехчево известија дека граѓаните кои имаат потреба од вода за пиење може да наполнат од цистерните поставени во центарот на Пехчево.
Според мештаните и од „изворска“ им најавиле дека ќе пратат камион со вода.
Дополнително, една екипа од Итната медицинска помош е лоцирана над продавницата кај месноста Говедарник, а другата екипа е во близина на филтер станицата…. Кој има потреба за било каква интервенција, екипите стојат на располагање, соопштуваат од таму.
Градоначалникот ги повика сите кои сакаат да помогнат во гасењето на пожарот да не заминуваат сами на терен, туку да дојдат на збирното место во центарот на градот.
Тој информира дека во гаснењето на пожарот се вклучени противпожарни екипи од повеќе градови од Источниот плански регион, вклучена била и авионска поддршка, голем број на граѓани од градот Пехчево и целата Малешевија, но, како што вели, потребни се многу луѓе и ресурси за справување со огнената стихија која потпомогната од ветерот засега е надвор од контрола и прети да ги уништи убавините на Малешевијата и насленеите места.
– Се повикуваат сите институции, фирми и организации од републиката и се замолуваат сите граѓани од целата држава да се упатат кон Пехчево со цел справување со огнот кој се движи кон градот. Екипите на терен не се во можност да се справат со огнените јазли кои ја зафатија целата шума околу градот и околните села. Од терен јавуваат дека состојбата е алармана. Сите противпожарни средства, машини и материјали и секој дополнителен материјален и човечки ресурс ќе помогне во процесот на спасување на шумата, градот и околните села.
Во Домот на културата во Пехчево е формиран пунк каде се прифаќа материјална
помош, а доброволци се упатуваат на критичните позиции.