Пазарот на недвижности во 2025 година стабилен: Во Аеродром продаден стан за 166.500 евра
Пазарот на недвижности во 2025 година е стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини и позитивни економски трендови – покажува годишниот извештај од регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижностите на Агенцијата за катастар на недвижностите.
Становите остануваат најдоминантен сегмент на пазарот и учествуваат со 33 % во вкупниот број купопродажби и дури 48 % од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови е намален за 3,9 %, нивната вредност пораснала за 10,8 %.
Најактивни општини се Центар, Аеродром и Карпош, кои исто така имаат и највисоки просечни цени на становите, од 1.692 евра/м²; 1.558 евра/м² и 1.419 евра/м².
Најскапиот стан е продаден во Аеродром за 166.500 евра, а најскапата куќа е продадена во општина Центар за 1.500.000 евра.
Најскап деловен простор е продаден во општина Центар за 6.800.000 евра.
Во 2026 година се прогнозира умерен раст со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупи.
Пазарот на недвижности во 2025 година бележи значителна активност со вкупно 33.381 реализирана трансакција, што претставува раст од 7,6 % во споредба со 2024 година.
Регистрирани се 23.470 трансакции (купопродажби), што претставува раст раст од 4 %, како и 9.911 закупи, што е зголемување за 17 % во однос на претходната година
Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот изнесува 1,14 милијарда евра, што е раст од 12,9 % во споредба со 2024 година. Најголем дел од оваа вредност е остварен во четвртиот квартал (314 милиони евра).
Земјоделското земјиште и шумите учествуваат со 31 % во вкупни от број купопродажби, а градежното земјиште со 14 % бележи значителен раст на купопродажната вредност од 36 % во споредба со претходната година.
Куќите учествуваат со 13 % во вкупниот број купопродажби, со забележан раст на купопродажната вредност во споредба со претходната година од 37 %.
Анализата покажува дека пазарот е најразвиен во поголемите урбани центри. Најмногу трансакции се реализирани во Центар – 2.414 трансакции, Аеродром – 1.963 трансакциии, Карпош – 1.791 трансакции.
Највисоката цена за стан од квадратен метар е постигната во Аеродром (3.784 евра/м²).
Пазарот на новоградби е најдинамичен во скопските општини, а највисок скок на просечната цена на станови од инвеститор е забележан во Центар – 31 %, а во Охрид има пад од 4 %.
Пазарот на закупи во 2025 година бележи вкупна месечна закупнина со вредност од 4 милиони евра.
Во вкупниот број закупи (9.911) најголемо учество имаат становите со 35 % и бележат раст на вкупната месечна закупнина од 15 % во споредба со претходната година, потоа следуваат деловни простори со 34 % и бележат раст на вкупната месечна закупнина од 24 % во споредба со претходната година. Анализата покажува дека постои зголемена побарувачка за изнајмување.
Извештајот претставува сеопфатна анализа на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности базирана на официјални податоци за реализирани купопродажни договори и договори за закуп. Годишниот извештај за пазарот на недвижности за 2025 година е аналитички преглед на состојбите и трендовите на пазарот на недвижности во Република Северна Македонија за 2025 година, а анализата е базирана на официјални податоци од регистарот на цени и закупнини.