Пазарните инспектори без милост – клуч за непочитување на гарантираните цени

Во маркетите е забележлива раздвиженоста на вработените, но и нервозата, па и стравот дали се е според она што се предвидува во владината одлука


 

Паднаа првите „жртви“ на одлуката за определување највисоки цени за 24 категории производи – по извршените контроли во саботата затворија пет синџири на маркети заради нечесни трговски практики, а седум маркети заработија казни заради непочитување на одлуката на владата. Како што предупредија денес премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државен пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, истото ќе се направи и со било кој друг синџир на маркети, трговец или производител доколку бидат утврдени неправилности. Тие ги повикаа граѓаните, но и медиумите да пријавуваат такви неправилност што ќе им ја олесни и работата на инспекторите, но исто така и ќе овозможи да се диференцираат чесните од нечесните учесници на пазарот. Утре ќе се носи и одлука во делот на намалување на цените на пијалаците, а веќе во тек е анализата во делот на хигиенските производи и други производи.

„Во саботата се извршени над 50 надзори од страна на Државниот пазарен инспекторат и се затворија пет големи синџири на маркети според Законот за потрошувачи односно за нечесни трговски  практики. Тоа нема да го дозволиме и доколку се забележи било кој друг синџир да применува ваква практика ќе биде затворен“, вели в.д. директорот на ДПИ, Трајковски додавајќи дека седум трговци заработиле казна заради непочитување на одлуката на владата.

Прописите предвидуваат затворањето да е од три до 30 дена, но Трајковски вели дека целта не е да се затворат сите маркети во државата туку сериозно да пристапат и да не оставаат простор, односно да си ги средат сите работи и да ги почитуваат одлуките.

„Доколку повторно увидиме нечесни трговски практики истата мерак ќе ја преземеме и за другите синџири маркети. Петдневно затворање е доволно за овие компании“, вели Трајковски.

Инаку, во маркетите е забележлива раздвиженоста на вработените, но и нервозата, па и стравот дали се е според она што се предвидува во владината одлука која стапи на сила во средата и со која се предвидува 24 категории производи да имаат намалени цени за 10 отсто, но како основа се земаат цените кои ги имале на 1 август годинава.

Опфатените производи се обележени видливо со ознаката „Гарантирана цена“, додека посебно се внимава во делот на акциите, особено откако од Владаат соопштија дека под лупа ќе се стават производите кои на потрошувачите им се нудат по пониски цени, заради можни злоупотреби. Па така, на видливо место и со големи букви таквите производи се означени дека се со рок на важност кој наскоро истекува. Другите вообичаени акции, со кои трговците привлекуваа муштерии, како да исчезнаа од рафтовите.

„Со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија цената ја намаливме за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август. Со оваа  одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10 проценти, а кај некои намалувањето е 30—40 проценти“, рече премиерот Ковачевски, кој со министерот Бектеши и в.д. директорот Трајковски беше во посета на компанијата „Алма М“, еден од најголемите дистрибутери во државата.

Ковачевски исто така апелираше мерките да се почитуваат и притоа се заблагодари на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат за „ажурноста во спроведувањето на мерките“, како и на министерот за економија и неговите колеги кои, како што посочи, направиле детални анализи со цел да се дојде до мерка која ќе биде „во интерес и на трговците и на производителите, а најмногу на граѓаните“.

Ковачевски смета дека мерките на Владата се успешни и дека постојната одлука за намалување на цените на прехранбените производи која има и социјален карактер, ќе придонесе инфлацијата до крајот на годината да не биде повисока од пет проценти во делот на основните производи кои што граѓаните ги користат.

„Зголемувањето на платите од јули годинава го надминува зголемувањето на инфлацијата. Со сите овие мерки кои што ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10 проценти веќе од почетокот на наредната година, генерално инфлацијата ќе биде на ниво од осум проценти, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата“, рече Ковачевски, додавајќи дека септемвриските плати во основното и во средното образование ќе бидат повисоки за 15 проценти, овој месец има усогласување на пензиите кои што ќе пораснат во износ до шест проценти, а согласно Општиот колективен договор, 130 илјади работници во јавниот сектор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за 10 проценти, додека до крајот на годината ќе имаат исплата на К 15 во износ од 10 илјади денари.

„Мерките кои ги носиме имаат и економски, но пред се социјален карактер“, посочи премиерот.

Министерот Бектеши вели дека мерките треба целосно да бидат почитувани од страна на трговците на мало, но и од трговците на големо, дистрибутерите и од производителите.

„Граѓаните треба да знаат кои маркети се затворени, а кои не и ги почитуваат мерките“, вели Бектеши.

Тој објаснува и зошто фокусот на инспекторите биле најголемите синџири маркети.

„Осум до десет синџири имаат маркети речиси во сите градови и секако дека тие покриваат најголем дел од приходите во прехранбената индустрија вклучувајќи ја тука и трговијата како сектор со прехранбена индустрија. Логично е Пазарниот инспекторат да почне да прави инспекции кај тие што се најголеми и каде што има поголем обем и има повеќе клиенти“, вели Бектеши.

Тој ја остава отворена и можност мерката да биде продолжена и по крајот на ноември доколку тоа го покажат анализите.

„Во делот на рокот јас сум кажал дека согласно сите влезни податоци што ги имаме како Министерство за економија, другите институции, ние секоја недела имаме седница на владата, и претседателот на Владата согласно анализите кои што ги доставуваме, заеднички одлучува дали да направиме измена во постоечките мерки во делот на зголемување на рокот или слично“, вели Бектеши уверувајќи граѓаните треба да бидат спокојни и дека мерките ќе бидат реализирани така како што се наведени во целост, како и дека нема да има компромис со ниту еден што ќе се обиде да не ги почитува мерките вклучувајќи ги и големите супермаркети.

Бектеши ја отфрли забелешката на Стопанската комора дека затворањето на маркетите е драконска мерка бидејќи трговците немале време да реагираат поради тоа што станува збор за речиси 1.200 артикли.

„Најавата односно одлуката не е направена преку ноќ. Имале рок речиси десет дена да ги направат тие измени, бидејќи имав директни состаноци  и со големите супермаркети и со добавувачите и со производителите една недела пред мерката да се донесе на владина седница и утредента да биде во функција“, вели Бектеши.

Тој исто така додаде дека со Стопанската комора има одлична соработка, но и дека имале  контрадикторни изјави.

„Го слушнав претседателот на комората Бранко Азески каде што рече дека во државата треба да постапуваат сите инспекции согласно законските одредби. Ние го почитуваме тоа, и му ја исполнивме желбата. Така и ќе биде, во целина ќе се испочитуваат законските одредби и во делот на затворањето, но и во делот на забрана на вршење на дејност на одредени компании кои претходните месеци, а посебно сега би можеле да работат спротивно на законските одредби“, вели Бектеши.