Пазарите ги зафати ценовно лудило, што може да направи Владата

Годинава климатски беше лоша за многу земјоделски култури, но сепак, септември секогаш бил месец во кој цените на зелените пазари биле генерално ниски


Пред неделите за подготвување туршија Зелката стигна до 80 денари за килограм (Фото: Б. Грданоски)

 

Зелените пазари во Скопје ги зафати ценовно лудило и тоа во месецот кога овошје и зеленчук има во изобилство и во време пред традиционалното почнување на приготвување на зимница.

Многумина кои викендов отидоа да пазаруваат беа непријатно изненадени од цените. Така, на скопскиот Зелен пазар, кој важи за еден од подобро снабдените и со умерени цени, килограм зелка се продаваше по неверојатна цена од 80 денари, зелените пиперки 120 денари, ајварките 60 денари, карфиолот дури 250 денари, грозјето 100 денари и повеќе, доматите „јабучари“ од 120 денари нагоре, краставиците исто така 120 денари за килограм, боранијата 200 денари…

„Многу е чудно она што се случува на зелените пазари, како да ги зафати ценовно лудило“, коментираат граѓани.

Тие се свесни дека годинава климатски беше неповолна за многу земјоделски култури, но сепак, септември секогаш бил месец во кој цените на зелените пазари биле релативно ниски, а понудата голема. Оние што редовно пазаруваат знаат дека зелката во ова време никогаш не била толку скапа, исто така и карфиолот, пиперките…

„Кој знае што не очекува кога ќе ‘тргне’ правењето зимници, и кој ќе може да си го дозволи тоа“, коментираат граѓани.

Како ќе се одразат овие цени врз трошоците на живот, односно врз инфлацијата во септември ќе се види наредниот месец кога статистиката ќе ги објави редовните месечни податоци. Инфлацијата на месечно ниво почна повторно да покажува заби во август годинава, кога статистиката измери дека индексот на трошоците на животот во август годинава, во однос на јули, изнесува 0,5 отсто, а врз неа најмногу влијаеше зголемувањето на трошоците на животот токму кај храната и безалкохолните пијалаци (за 1,2 отсто), потоа кај групата рекреација и култура за 1,1 отсто, здравје за 0,8 отсто, ресторани и хотели за 0,7 отсто и тн.

За среќа, на годишно ниво инфлацијата во август во однос на истиот месец лани беше 2,2 отсто, што е во рамки на проекциите на релевантните институции (Владата, Народната банка…), но со оглед на најновиот пораст на цените, пред сѐ на прехранбените производи, прашање е дали до крајот на годината ќе се одржи.

Граѓаните се свесни дека Владата не може многу да влијае на движењето на цените на зелените пазари. Иако во минатото имаше такви обиди и конкретни мерки со кои се замрзнаа цените на повеќе производи, тие едноставно не се почитуваа на пазарите, а властите беа немоќни да ги спроведат мерките кои сами ги носеа.

Сега Владата најави дека може да интервенира во делот на маркетите, преку таканаречена „есенската потрошувачка кошничка“ со замрзнување на цените или намалување на маржите на одредени производи, но денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека мерката ќе почека, бидејќи сѐ уште се усогласувале ставовите со трговците и производителите.

„Ние сме подготвени за разговор, но не не сакаме ништо да направиме на сила, туку сакаме да најдеме заедничко решение“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање на новинарите пред работниот појадок со членовите на Германско-македонската стопанска комора во земјава. Тој рече дека не е поентата како влада на сила да ги прават работите, како што тоа се правело во минатото.

„Ние имаме намера да разговараме со сите засегнати страни и сите заедно да направиме нешто добро за државата. Не сакаме трговците и производителите да бидат исфрустрирани поради таквиот однос на владата“, рече Мицкоски.

Тој рече дека има моменти кога поединци реагираат како монопол, дуопол и тогаш ќе мора да се интервенира офанзивно.

„Онаму каде што навистина пазарната економија и пазарните практики ги диктираат цените, таму ние не интервенираме, но има услови кога ќе ги видите увозните цени и кога ќе видите како хируршки прецизно е поделен пазарот, тогаш не ви останува ништо друго освен да им помогнете на граѓаните. Во секој случај јас сум за тоа пазарната економија да ги диктира цените и да тоа го поддржувам и тука немам никаква дилема, но има за жал поединци кои ја злоупотребуваат оваа позиција и тука мораме ние како влада да интервенираме“, рече Мицкоски, додавајќи дека не мисли дека мерката е задоцнета.

Инаку, од Министерството за економија ваква мерка со која требаше да се влијае врз цените беше најавувана изминатите денови, а денеска требаше да биде визирана од Владата, но по ваквата изјава на премиерот очигледно е дека до такво нешто нема да дојде, барем не оваа недела.

Само пред неколку дена министерот за економија Бесарт Дурмиши рече дека мерката се однесува на ориз, грав, месо, печурки, зеленчук и овошје кои се дел од производите кои ќе бидат на листата од 100 основни прехранбени и земјоделски производи во есенската кошничка.

„Овошни производи, храна, ориз, грав. Сите производи кои што им се потребни, побитни на граѓаните во есенскиот период. Сакам да најавам дека оваа акциска кошничка ќе ја продолжиме и во наредниот период, тоа ќе биде зимска кошничка, велигденска, рамазанска“, рече Дурмиши.

Исто така, неизвесно е и дали ќе заживее Законот за нефер трговски практики, кој официјално треба да почне да се применува наскоро, односно на 28 септември. Премиерот Мицкоски смета дека законот е конфузен и дека вакво законското решение нема да го донесе предвиденото намалување на цените во маркетите до 20 отсто. Според него, пропишаните релации помеѓу добавувачите и трговците се збунувачки.

„Кога ќе ги видите соопштенијата од коморите, ќе видиме дека ситуацијата е збунувачка. Побарав став утрово од Стопанската комора да ни кажат што да направиме. Дали да останеме на законот или да го одложиме“, рече Мицкоски, додавајќи дека ќе постапат како што ќе побараат од комората.

Инаку, според претходните информации од Министерството за економија денеска требаше да има предлог од работна група за есенската потрошувачка кошница за околу 100 прехранбени земјоделски производи на кои требаше да им се ограничат трговски маржи или да се замрзнат цените. Со есенската кошница треба да бидат опфатени зеленчук, овошје, пекарски, млечни и други производи. Во работната група има претставници на министерствата за економија, земјоделство и финансии, кои врз основа на симулација требаше да предложат кои 100 производи ќе бидат со замрзнати цени или со ограничени маржи од 5 до 15 проценти. 

Дека вакви (непазарни) мерки не се туѓи и на актуелната влада, се покажа претходно овој месец кога по почнување на учебната година беше ограничена маржата на помошниот училишен материјал. Според контролите кои беа направени од пазарната инспекција мерката „помалку трошоци, повеќе за тебе“, се почитува. Мислењата на граѓаните се поделени – едни сметаат дека ограничувањето е добро, други дека е задоцнето, трети дека и намалувањето на цените за некои родители не е доволно, особено за оние кои имаат два или три ученика.

Инаку, според податоците за синдикалната потрошувачка кошница што секој месец ги објавува Сојузот на синдикати на Македонија, трошоците имаат тренд на пораст. Така, во август биле потребни 629 денари повеќе во споредба со претходниот месец. Односно, за да ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во август годинава му беа потребни 61.199 денари, или повеќе од 1.000 евра.

Од ССМ соопштија дека во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.

„Податоците покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, за што нема оправдување. Истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни. Податоците од синдикалната кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот“, реагираа од ССМ.