Павле Трајанов го нарече Уставниот суд „испостава“ на СДСМ
Нарекувајќи ја одлуката на Уставниот суд за укинувањето на член од законот за платите на функционерите „неразумна и неодговорна“, претседателот на Демократскиот сојуз вечерва го нападна највисокиот суд на државата велејќи дека бил во дослух со владејачките партии, првенствено со СДСМ.
„Владата соучествува во одлуката и затоа ќе си понесе одговорност“, рече Павле Трајанов во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 и додаде: Верувам дека оваа одлука е усогласена со политичкиот став на СДСМ и ДУИ, бидејќи Уставниот суд е партиска испостава на двете партии, но првенствено на СДСМ. Судиите во Уставниот суд не носат ниедна одлука без консултација и договор со владејачките партии“. Па уште додаде: „Ова е самоубиствена позиција на СДСМ“.
Пратеникот од ДС рече дека мора да се реагира преку законот за да се намалат коефициентите на функционерите.
На ова остро реагираше неговиот соговорник во емисијата, градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, велејќи дека е „срамно кога членови на парламентот повикуваат на беззаконие. Ова не е енормно зголемување на платите, туку само почитување на законот. Ќе научиме ли да го почитуваме законот“, запраша Јакимовски.
Тој го постави прашањето: „Зошто тој закон не е почитуван со години? Сошто не се почитувала одредбата за просечната плата и коефицинетите. Сега е усогласен и се крена револуција. Го слушам и претседателот на државата како повикува на беззаконие. Нѐ уби тој пуст популизам, тоа пусто додворување на народот“, рече Јакимовски.