Патувачкото кино на „МакеДокс“ утре во Кочани, задутре во село Оризари

Патувачкото кино на „МакеДокс“ годинава го смени својот формат и се одржува во четири викенди во месеците јуни, јули и септември. Проекции досега се одржаа во Кратово, село Шлегово и во Штип, а следни дестинации на 12. Патувачко кино се Кочани (9 јули) и село Оризари (10 јули). Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, бесплатни се и ќе се одржуваат на отворен простор.
Сара Ферро од екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“ изјави дека е одлично чувството по првите два викенда. Проекциите биле полни, публиката задоволна. На проекцијата во Штип присуствувала филмска екипа од прикажаниот документарец „Сите ќе умреме“ – режисерот Сашко Потер Мицевски, продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев.
– Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава. Се надеваме дека овој викенд во Кочани и последниот во септември во Виница ќе поминат исто толку добро колку и првите два, истакна Ферро.
Видеохрониките од Кратово и Шлегово, како и од Штип, се достапни на јутјуб-каналот на „МакеДокс“.
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, Центарот за развој на Источен плански регион и од општините каде што гостува (Кратово, Кочани, Штип и Виница).