Патрик Виера доби отказ од клупата на Кристал Палас


Легендарниот Патрик Виера повеќе не е менаџер на Кристал Палас, потврдија денеска од клубот, на само два дена пред натпреварот против Арсенал.

Заедно со него клубот го напуштија и тројца членови на стручниот штаб, а остана само тренерот на голманите, кој ќе соработува со новиот менаџер.

„Со големо жалење дојдовме до оваа тешка одлука. Резултатите од последните месеци нè доведоа до несигурна позиција на табелата и сметавме дека е неопходна промена за да си дадеме шанса да останеме во друштво на најдобрите“, соопштија од клубот и продолжија:

„Влијанието на Виера врз тимот од неговото доаѓање во летото 2021 година е значајно и тој ја има благодарноста од сите во клубот. Тој го однесе тимот на Вембли и полуфиналето на ФА Купот и минатата сезона завршивме на респектабилна 12-та позиција, играјќи возбудлив фудбал. Патрик даде сè што имаше на клубот и ние сме му многу благодарни за тоа“.

Од клубот исто така додаваат дека процедурата околу назначувањето на нов менаџер е во тек и дека за тоа ќе ја информираат јавноста во најкраток можен рок.

Палас моментално е на 12. место на табелата, но со исклучително лоша резултатска серија и на последните 11 натпревари освои само пет бода.