„Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими“: Љупчо Констатинов ја прими наградата „11 Октомври“
„Им благодарам на сите мои соработници, да не беа тие, немаше денес да бидам тука. Патот дотука не беше лесен, беше послан со трње, не со персиски килими“, рече денеска во Собранието легендарниот македонски композитор Љупчо Константинов, годинашен добитник на државната награда „11 Октомври“ за 2023, највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности.
Константинов (1946) дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави. Меѓу другите, автор е и на музиката за филмовите „Среќна Нова 49“, „Македонска сага“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“, „Хај-фај“ и други. Од неговата песна „Еј ти, младо момче“ во изведба на групата „Индекси“, неговата наградувана и изведувана авторска музика се смета за македонско музичко богатство.