„Пасошот ви е готов. Не знаеме кога ќе биде донесен“: МВР лута во сопствениот лавиринт

Нема реално објаснување зошто пасошитe што сe отпечатени на почетокот на февруари не се носат во пунктовите. Дали се чека дополнително да нарасне гневот на граѓаните?


 

„Да, пасошот ви е изработен на 5 февруари, но уште не е донесен. Кога ќе се случи тоа не можеме да знаеме“.

Ваков одговор добива неколку пати една граѓанка на Скопје која упорно оди во пунктот за пасоши „Беко“ за да ја подигне патната исправа за која се сликаше на 11 јануари.

Друга жителка на Скопје, сликана на 5 јануари, денеска официјално доби информација дека пасошот одамна ѝ е изготвен, но дека е неизвесно кога ќе биде испорачан во пунктот „Беко“.

Трет граѓанин, кој со неговата сопруга се сликал на 29 јануари (на денот кога се сменија министрите) добил информација од МВР дека нивното вадење пасоши ќе влезе во рубриката „одисеја“, затоа што тие не се ни одобрени од надлежните служби во МВР (што е неопходен чекор за да се оди понатаму), а кога ќе стигнат нивните документи за печатење е целосно неизвесно. Уште поголема е неизвесноста кога изготвените пасоши ќе стигнат во пунктот во МТВ.

Сите тие денеска го раскажаа своето искуство за „авантурата“ за вадење пасоши за „Независен“.

Големите политички зборови на техничкиот министер Панче Тошковски, дека со реорганизацијата и поагилната ангажираност на вработените ќе се пробијат затнатите точки во процедурата последниве три месеци, завршија во празно. Проблемите останаа исти, а во некои сегменти дури и се зголемија.

Нема никакво вистинско и логично објаснување зошто изготвените пасоши не се испорачуваат во пунктовите. Се шират повеќе приказни – дека пасошите биле сместени во десетици и десетици кутии (некои велат и во вреќи), дека стојат во некои простории во МВР и дека нема доволно луѓе да бидат сортирани по пунктови и градови, а потоа да се однесат и затоа процесот е заглавен. Има и други приказна – дека новите раководни структури во МВР внимателно го опструираат процесот за да се зголемува незадоволството меѓу граѓаните до гласањето на изборите. Се разбира, спрема поранешниот министер за внатрешни работи и сѐ уште актуелната влада.

Приказни се приказни, може се вистинити, а можеби и не се. Она што е вистинито е дека е целосно невозможно да се добие операторот на телефонската линија за закажување. Некои вртеле и по 200 пати дневно, но неуспешно. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, бил еден од ретките на кого тоа му успеало и според неговите зборови во едно телевизиско интервју тој имал закажано за сликање во вторникот. Требало да патува во странство, рече. Кога треба да се патува не е грев тоа да се прави и со документ на кој пишува „Северна“.

Вистинит е фактот дека не работи системот за електронско следење на текот на постапката, иако МВР објави дека од понеделникот, 19 февруари, граѓаните ќе можат можат да извршат проверка дали нивниот пасош е изготвен. Според објавата, патот на пасошот ќе можеле да го следат оние што се сликале во МРТ и полициската станица „Пролет“ во Скопје. За оние што се сликале во „Беко“ или градовите во внатрешноста таа можност не важи. Иако изгледа дека граѓаните што биле во овие два пункта се повластени, тоа е само виртуелно, затоа што оваа апликација не функционира.

Закажувањето за вадење документи по електронски пат функционира до одреден чекор и системот наместо да ти дава слободни термини во одреден ден апликантот треба да одбира сам датуми и можеби да му се посреќи. Оние што пробуваа велат дека одбрале 40 денови во наредните пет-шест месеци, никаде немало слободно и се откажале.

Техничкиот премиер Талат Џафери е во право кога денеска изјави дека Министерството за внатрешни работи треба да дава соодветни и точни информации до граѓаните, а не да прави хаос во нивната перцепција. Џафери рече дека на последната седница на владата издал задача на Министерството за внатрешни работи на дневна основа да доставува информации за примени барања за издавање на документи, како и за издадени документи.

„Тие на дневна основа треба да ја информираат јавноста колку обрасци примиле, колку издаваат. Не би било соодветно јас да давам информации по тоа прашање. Мојот апел е да не се служат со неточни информации, најмногу штета им прави на тие што се служат со неточни информации. Ако идејата за дневна политика е кој колку поени ќе добие, а кој колку ќе изгуби, погрешен им е пристапот, оти е нивна надлежност и обврска да обезбедат услуга за граѓанинот, а не да се караат меѓу себе кој каков податок ќе дава“, рече Џафери, веројатно мислејќи на изјавата на на техничкиот министер за наводна саботажа и демантот на дополнителниот заменик-министер.

Овие разумни зборови се мала утеха граѓаните. Тие се влезени во лавиринтот со патните и други документи и не можат да излезат. Можеби некој навистина саботира – намерно или ненамерно, од лоша организација или преорганизација. Првите два-три дена по стапувањето на функцијата техничкиот министер за внатрешни работи даваше интервјуа речиси секој час велејќи дека тој и неговиот тим ќе сторат сѐ да се излезе од овој ќор-сокак. Излезот не само што не е на повидок, туку работите како дополнително да се комплицираат. Можеби поради она најприземното и најгрдото – да стави некој политички поен на контото на партијата.

А граѓанинот? Тој и утре ќе може да го чуе она што го знае: „Пасошот ви е готов уште на почетокот на февруари, но не знаеме кога ќе го земете“. (Љ.П.)