Креативноста и натаму ја победува глупоста: Интервју со Александар Поповски, режисер

„Предавам драма во Будимпешта и Загреб. Во Скопје не беше можно. Не се обидувам да менувам туѓи карактери“, вели во интервју за „Независен“ познатиот режисер


Едни претстави во едни средини функционираат, во други публиката ги гледа бледо, вели Александар Поповски

 

Со овации, почит и со возбуда кон неговото режисерско наследство, Скопје во преполниот МНТ ја пречека претставата „Амадеус“ на Словенечко народно гледалишче од Марибор, во режија на ценетиот автор дома и во регионот, Александар Поповски (1969).

Поповски, наградуван театарски и филмски режисер, за кого се бара влезница повеќе и кој импонира со своите претстави колку и со своите ставови за уметноста и за општеството, веќе осум години, со втор мандат, односно од сезоната 2018/2019, е уметнички директор во Мариборската драма при СНГ, а живее на релација Загреб – Марибор.

„Животот на Молиер“ поставена во стариот МНТ во 2012 година беше неговата последна претстава што ја режираше во Македонија. Во интервјуто за „Независен“ вели „дека тоа сега не е ни толку важно, а мислам дека и не се сеќавам“. Во изминатата декада животот и работата го однесе подалеку од дома, на театарски сцени и во професура во Белград, Будимпешта, Марибор, Љубљана, Загреб… 

Режисерот на култните претстави „Маме му ебам кој прв почна“ , „Дон Жуан“, „Три сестри“, „Балканот не е мртов“, „Диво месо“, „Буре барут“, „Сон на летната ноќ“, „Ричард Трети“, „Алиса во земјата на стравовите“…, за „Независен“ открива и зошто Моцарт му е нов режисерски предизвик, кои теми го окупираат, колку животот и работата во Европа го сменило како човек и креативец и зошто предава на студенти во Загреб и во Будимпешта, а не на ФДУ во Скопје. 

Читајте го Ѓорѓија Пулески како им го толкува светот на галичаните, вели Поповски

Зошто го избравте генијалниот Моцарт за нов режисерски предизвик? Ве фасцинира неговата музика, живот и кариера, или нешто друго?

Овој текст ја користи приказната за Моцарт и Салиери, а всушност раскажува за една појава која луѓето можат да препознаат насекаде околу себе. По претставата ми пријдоа многу луѓе чија професија нема уметничка позадина, да ми кажат дека во нивната бранша се случува истото. Медиокритетите, или партиските војници ги јадат способните. Како што гледате таа приказна не е нова, ниту ексклузивно наша. Има Брехт една кратка песничка:

На ајкулите им побегнав
Тигрите ги наранив
Ме изедоа стеници

Борбата на овие два света трае многу долго. Убавината е што креативноста сѐ уште успева да ја победи глупоста. Затоа го сакам Итар Пејо, тој користи методологија со која по заобиколен пат се справува со тапоста на средината. Читајте го Ѓорѓија Пулески како им го толкува светот на галичаните. Кога би ја разбирале нашата земја во една подолга рамка од четири постизборни години, тогаш инвестицијата би била во способните и учените луѓе кои ќе можат да создадат нешто што ќе трае.

 

„Амадеус“ е и приказна за генијалноста и зависта. Дали на вашиот креативен пат дома и во регионот се „сопнавте“ на нив?

Јас сум човек кој се труди и успева брзо да заборави. Не можам ниту сакам да носам во себе предолго негативни чувства. Тоа не ми помага и ме прави мошне несреќен. Во меѓувреме научив и да не се обидувам да менувам туѓи карактери или да се трудам да објаснам баш секому сѐ. Имам некој внатрешен инструмент кој ме води низ живот и до сега кога сум го слушал не сум згрешил многу. Така што би го цитирал Дон Жуан кој му вели на Зганарел: „Уште 20 години вака па ќе почнам да размислувам да го променам начинот на живот“.

 

Какви теми сега ве окупираат? Дали Поповски (пред) во Скопје, и Поповски (потоа) во Белград, Загреб, Љубљана, Марибор… се разликуваат?

Гостувањето во Скопје ме натера да размислувам за една тема која ја носам со себе долги години. Прашање е колку човек успева бегајќи од дома да побегне од себе. Имав долги разговори со Горан Стефановски на таа тема. Каде е домата за луѓето како нас. Не сум човек кој мисли дека она што било порано било подобро. Дека во моето време било најдоброто. Ништо не се враќа на старо, така и желбата да ги направиме работите како порано е бесмислена. Од друга страна, постои таа потреба за враќање, за која старите Грци го користат зборот „Ностос“, па оттаму и носталгија. Горан еднаш ми кажа дека има ужасна потреба да влезе во продавница за плочи и да праша дали е дојдена новата плоча на „Битлси“. Темата која би сакал да ја работам е темата на носталгија. Сите ги знаат приказните на Одисеј додека патува кон Итака. Одисеј исчезнува оној момент кога ќе дојде назад, дома. Тој дел ме интересира.

 

Дали работата и живеењето во Европа, во Љубљана и во Марибор, ве смени како креативец и како човек?

Длабоко верувам дека средините кои ги одбираме за свој дом влијаат на нас во секој смисол. Секаде постои алчност за узурпирање на јавниот простор. Сите сакаат да грабнат што е можно повеќе. Да е жив бетонот и циглата! Она што се разликува е во која средина законот има моќ над циглата, а каде циглата е посилна од законот. Згради који безмислосно го гризат просторот одземајки тротоари, зеленила, поглед кон небото, простор за дишење, сето стоа не е само урбанистички проблем, тоа е психолошки проблем. Живеејќи покрај агресивна архитектура и луѓето стануваат агресивни. Онаму каде што се почитува јавниот простор и зацртаната катност шансите за пријатен живот се поголеми. Јас лично од сѐ најмногу сакам да живеам во Маврово. Таму сум некако свој на свое. Иако и таму некој издал дозвола да се направи зграда. Во национален парк. Толку многу го сакам тоа Маврово и толку многу ме нервира таа дрскост.

Темата која би сакал да ја работам е темата на носталгија, открива Поповски

Во тој контекст, како ја гледате Македонија од Словенија, Хрватска, Србија…

Во Словенија природата е над сите закони. Тоа е земја која има искрено почитување кон природата, тие за природа го користат зборот нарава. Од мало дете се всадува таква љубов и однос кон природата и тоа е неверојатно. Никаде на друго место не сум сретнал луѓе кои се толку поврзани и посветени на природата. И тоа не е само постигнато со закони или казни, тоа е искрена љубов. Кога бев селектор за „Охридско лето“ возев група словенечки актери на фестивалот. Одевме, нели, кон нашиот бисер и нашата културна гордост. На пат застанавме на Стража. Таа глетка на тоа ѓубриште таму ја знае секој од нас. Словенците не седнаа да јадат мекици, отидоа да го соберат ѓубрето.

 

Дали публиката е насекаде иста? Какво е вашето искуство?

Не не, тоа сигурно не. Средината, контекстот, навиките, сето тоа влијае. Едни претстави во едни средини функционираат, во други публиката ги гледа бледо. Марибор сака класичен репертоар, со мали интервенции. Не сакаат авторски проекти со многу микрофони и урлања кон публиката. Не сакаат да им се пали светло во салата во сред претстава за да ги потсетиме дека се соучесници во нешто.

 

 А критиките?

Веќе долго време не ги читам. Театарската критика, онаа што некогаш и се учеше на факултетот за литература, насекаде исчезна. Или се пишува за тоа кој дошол на премиера и како бил облечен или се третираат претставите како да се дел од некој голем скандал, затоа што само тоа ги продава вестите. Во таа смисла нема смисла да се читаат.

 

Кој е вашиот рецепт за успешен режисер и директор?

Не го знам одговорот на тоа прашање. Ниту знам дали сум успешен во едната и другата професија. Некогаш знам дека сум, ама исто така знам дека некои претстави не ми успеале или не биле онакви какви што сум сакал да бидат. Проблем што параметрите за успешност се малку несоодветни за професијата со која се занимавам. За секоја работа денес прво ќе ти ги извадат бројките, и доколку бројките не ти се задоволувачки, готов си.

 

Зошто ве нема долго време на македонската театарска сцена?

Мислам дека тоа сега не е ни толку важно, а мислам дека и не се сеќавам. Важно ми е само дека со МНТ договоривме да работам во 2027 година и дека едвај чекам да почнам да работам. Искрено се радувам и дека со Драмски ќе договорам термин, бидејќи таму должам една представа. Роберт Вељановски ме потсети последниот пат дека му должам еден Змеј, алудирајќи на текстот „Змејот“, кој еднаш одамна го договаравме. Во Драмски би сакал да го работам волшебниот Цепенков кој со Горан Стефановски го договаравме да го работиме. Цепенков помешан со старите песни за јунаците, виното и Дете голомеше.

Како се случи да станете уметнички директор во Словенечко народно гледалишче од Марибор?

Со театарот во Марибор имам љубов уште од 2000 година кога таму работев две претстави, „Дон Кихот“ и „Дракула“. Од тогаш имам постојана комуникација и соработка со нив. Поставував и уште други две претстави подоцна. Долго време поминав и во Љубљана, некои седум години интензивна работа. Многу добро го познавам словенечкиот театарски живот и на некој начин таа средина најмногу влијаеше на мене. На крајот таму имам најмногу претстави, сигурно над 20. Во еден момент од животот посакав да ги поделам своите искуства и контакти со некоја институција. Така дојде и поканата од нивна страна да је преземам драмата на СНГ Марибор. Посебно сум горд што успеав да направам копродукција меѓу Марибор, Бург театар од Виена и Југословенско драмско од Белград. Во секој случај преубаво искуство. Последниве години ме интересира педагошката работа. Веќе три години водам класа на Академијата за драмска уметност во Будимпешта. Постоеше и обид да дојдам на нашата Академија во Скопје, ама обидот пропадна. Во секој случај, премиерот нема да може да каже дека не сум сакал да се вратам во земјата, одговорот ќе мора да го побара од ресорното министерство, мене не ми кажаа.

Сѐ додека се радувам како мало дете, ќе продолжам да режирам, вели Александар Поповски

Кои личности уште ви се водилка во животот?

Уживав во периодот кога пред себе имав луѓе кои ги почитував и следев. Пред сѐ, моите професори од факултетот, Унковски и Стефановски. Подоцна луѓето од театарот кои можев да ги запознаам во Белград, пред се, Јован Ќирилов. Духовито е тоа кога животот ќе те донесе во ситуација кога сфаќаш дека не си повеќе оној кој следи туку оној кој го следат. А ти се чини дека поминало сѐ толку брзо и дека и понатаму си оној кој сака да гледа што прави оној пред тебе.

Дали отсекогаш знаевте дека ќе живеете од и за уметност?

Не знаев никогаш од што сакам да живеам, знаев отсекогаш за што сакам и како сакам да живеам. Кога еднаш влегов во театарот, мајка ми нѐ однесе на 12 години на претставата „Диво месо“ во Драмски театар, толку силно посакав да бидам дел од тој свет. Во средно школо, во прва година гимназија, почнав со аматерско глумење во театар. И од тогаш па до ден денес таа желба сѐ уште ме држи. Си ветив дека кога ќе ме напушти ќе си купам овци и едно магаре и ќе се преселам во Маврово да бидам столар. Многу сакам да работам со дрво и секоја прилика во Маврово се обидувам да направам нешто. Направив еден дрвен мавровски трон и кревет на кој сум посебно горд. Летово се подготвувам за нешто покомплицирано, ќе правам мавровски коњ.

 

На отварањето на „Охридско лето“ во 2019 како селектор на драмската програма на фестивалот, потсетивте дека „Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафеана. Треба да ѝ го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува“. Дали е нешто сменето оттогаш?

Кој знае што сум мислел тогаш, ама ми се допаѓа дефиницијата. Најверојатно било во контекст на нарачана уметност од страна на државата.

 

Како гледате денес, од временска дистанца, на стрипот „Газета Казабланка“ што излегуваше во „Пулс“? Тогаш неговото појавување беше спектакуларен настан. 

Газета Казабланка настана во едно време кога хуморот имаше смисла како одговор на појавите во општеството. Македонија беше во својата ренесансно демократско независна фаза. Парламентот полн со интересни ликови. Политичката сцена преполна со различни идеи за тоа кој пат треба да го фатиме.
Газета Казабланка излегуваше како подлисток во неделникот Пулс.Кога ќе го погледнете составот на новинари кои во тоа време пишуваат за Пулс ќе сфатите какви пера биле собрани на едно место. Во тој еден уреден магазин, јас и Дарко Митревски добивме на располагање две страници /последните две/ на кои можевме да се шегуваме и исмеваме со сето она што ја правеше во тоа време македонската реалност. Ќе ви раскажам за нас една од најсмешните епизоди, иако на сите други околу нас им беше трагична, /Звеки, Сашо , Слободан Петровиќ и Васил Мицковски не бараа тој ден под дрво и камен да ни ги истегнат ушите.

Во тоа време имавме проблеми со Бугарија околу непризнавање на јазикот. И ние направивме постер на кој беше една слика од еротски стрип со ласцивна содржина , над која напишавме и ние јазик за Бугарки имаме. Деца… Не знаевме дека тој ден нашиот претседател Киро Глигоров оди во Бугарија во официјална посета. Бугарските медиуми во главните вести ја објавиле оваа наша шега и Глигоров бил вратен од граница и официјалната средба откажана. Шега беше, никој не се насмеа.

 

Духовито е тоа кога животот ќе те донесе во ситуација кога сфаќаш дека не си повеќе оној кој следи туку оној кој го следат: Поповски со дел од актерите од „Амадеус“ од СНГ Марибор во МНТ

Спомнавте дека како директор во Марибор треба да планирате две–три години однапред. Каде се гледате во следните десет години?

Сѐ уште се радувам на секоја претстава која треба да ја поставам. Сѐ додека се радувам како мало дете, ќе продолжам да режирам. Во последно време бескрајно уживам во предавањата на факултетите во Будимпешта и Загреб. Пак ќе кажам, жал ми е што не можам да го раскажам она што го знам на нашата Академија. Чувствувам некаква сентиментална должност да им го пренесам на некои млади луѓе она што мене на таа Академија ми било дадено. Заедно со Лидија Димковска работиме на сценариото за филм по нејзината книга „Единствен матичен број“. И да, за десет години се гледам како човек кој ќе го одвои Маврово од Ростуше, ќе прогласи независност на Маврово и ќе стане цар на мавровските шуми и води.

Фото: „Независен“