Партиските лидери во карантин


Замислете да беше и Унгарија во тие ризични земји, ќе мораше сите партиски лидери по нивната историска средба, кога не ја ни спомнаа можноста за одлагање на изборите, да бидат најмалку 14 дена во самоизолација

 

ЕРОЛ РИЗАОВ

Дали можете да претпоставите колку ми олесна кога видов дека во списокот на ризични земји нападнати од  коронавирусот ја нема Унгарија и ја нема Будимпешта. Се извадив од памет кога прочитав дека и премиерот Орбан се ставил во самоизолација. За среќа, тоа не е нашиот пријател  Орбан, туку Лудовик Орбан, премиерот на Романија. Замислете да беше и Унгарија во тие земји ќе мораше сите партиски лидери по нивната историска средба, кога не ја ни спомнаа можноста за одлагање на изборите, толку многу ги болело за нашето здравје,  да  бидат најмалку 14 дена во самоизолација. Што ќе правевме кутри ние без нив цели две недели да не ни велегуваат во домовите, компјутерите, мобилките, во автомобилите, на билбордите, на пазарите, во кафаните и кафулињата.

За жал, опасноста сѐ уште не е надмината бидејќи бројот на ризични земји постојано се зголемува и не дај боже ако Унгарија се најде на тие списоци  додека не поминат уште десетина дена критичен период во кој  Христијан Мицкоски и Александар Николоски, по посетата на Будимпешта, можат да го стават во карантин целиот политички врв на Македонија. Која несреќа би нѐ снашла во тој случај, ако се има предвид со кого сѐ комуницираат партиските лидери. Ќе онеме цела Македонија. Ќе дојде до неподнослива тишина. Некои мислат дека тоа би била најдобрата работа што може да ни се случи и единствен начин да се одложат изборите додека не се потврди дека нашата политичка елита е негативна, што само  во медицината се смета за добар резултат дека не си заразен. Негативен, значи дека си здрав ама само за тоа што го тестираат. Ако имаш проблеми со мозокот, или со било кој друг орган,  за тоа треба друг тест.

Шегата на страна, иако има  реална опасност и за нашите партиски  лидери кои не се имуни на вирусот  Ковид-19, Грујо-11, Орбан-15….  Од нив освен загриженост на зборови не слушнавме како мислат да организираат избори и како стотици илјади луѓе од утро до мрак ќе одат на гласачки места да чекаат на ред, да си дишат во врат, да гласаат со исто пенкало и уште милион опасни блиски средби кои можат да ја заразат целата земја. Господа партиски  лидери, вие сте навистина за во карантин за подолг престој под надзор за да ја ослободите земјата од уште поопасниот вирус од овој што го нападна светот. Необрнувајќи внимание за здравјето на граѓаните и на државата нѐ тешат со тоа дека ќе нема предизборни митинзи и јавни собири организирани од партиите, ама „спонтаните собири и протести“ ќе останат демократско право и покрај забраната. Кампањата ќе се преселела на социјалните мрежи, порталите и телевизиите, билбордите и од врата на врата.

Не знам како тоа ќе го постигнат кога таму е пребукирано од гадости и црнила. Порано викавме за весниците дека хартија трпи сѐ, а сега  интернет и социјалните мрежи, партиски телевизии  можат да издржат повеќе отколку што будала може да напише, каже и излаже.

Што се однесува за одење од врата на врата тука има можности за иновации, на пример, може да се прави муабет на одалеченост од два метра, а подароците, пенкалцата, запалките, тефтерите, програмите кои и онака никој не ги отвора,  да се остават пред врата, се разбира, ако дарителите уредно претходно ги дезинфицираат рацете. Нема ракување, нема бакнување рака, нема прегрнување.

Господа партиски лидери, дајте малку чукнете ја главата. Одложете ги изборите за неколку недели или два месеци, тоа нема ништо да ви смени во вашите рејтинзи кога е во прашање  пандемија. Ако и натаму инсистирате на избори треба да се очекуваат храбри одлуки во заштита на граѓаните од институциите за јавно здравство и од медицинските авторитети, епидемиолози и вирусолози. Треба решително да се забранат какви било ситуации кои ги изложуваат граѓаните на опасност од зараза. Изборите се ризичен фактор, колку и митинзите, ако не и повеќе.

Добро е што конечно се огласи и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој има уставни обврски во вакви ситуации и да го свика Советот за безбедност. Колку и да е тоа советодавно тело има силно влијание да се почитуваат неговите препораки кога има  пандемија што безмалку е воена состојба. Животот на само еден граѓанин е илјада пати повреден од тоа дали изборите ќе се одржат на 12 април или на  12 јуни или во редовниот термин, така мора да биде сѐ додека има закани по животот на луѓето. Ако во кабинетот на претседателот на државата  на лидерска средба е донесена препораката за предвремени парламентарни избори, тоа е добро место таму од истите партиски лидери да биде донесена и препораката да се одложат изборите. Ситуацијата налага да биде порешителен во своите препораки по прогласувањето на пандемија, особено што со земјата  управува пржинска, техничка, предизборна влада.