Партиска злоупотреба на земјоделците


Зоран Заев и СДСМ со специјалци и борбени оклопни возила се обидоа да спречат мирен земјоделски протест, како во најцрните времиња на комунизмот, обвини Цветан Трипуновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека земјоделците во моментов го живеат најцрниот период во 29 години самостојна македонска држава.

„Големиот одѕив, и покрај полициските сили и притисоци на Заев и Спасовски, покажуваат колку е тешка маката на македонските земјоделци. Субвенциите не стигнуваат до крајниот земјоделец, а целиот сегмент е во рацете на локални моќници кои печалат на маката и трудот на работливите земјоделци. Но земјоделците го кренаа гласот и нема назад“, посочи претставникот на опозициската партија.

Според него, Заев вчера ѝ наредил на полицијата да ги спречи земјоделците да го изразат својот револт.

„Да погледнеме видео од вчерашниот протест од кое јасно се гледа како Заев им се закануваше на земјоделците со специјалци вооружени до заби. Со цел да ги исплаши и спречи мирно да протестираат пред Владата“, рече Трипуновски и додаде дека од МВР вчера прекршиле член од Уставот кој гарантира право на протест.

„Оставка“, „Готов си“, Апаши“, „Оди си, Заев“ беа само дел од пораките на земјоделците и сточарите кои со трактори и приколки, од трговскиот центар „Мавровка“, па потоа пред Владата протестираа пред Владата. Како причина беше наведена ненавремената исплата на субвенциите и нецелосно исполнување на барањата испорачани пред една година.

Тензична ситуација настана кога полицијата не им дозволи и им ги одзеде производите на демонстрантите, грозјето, праските и јаболката, за да не ги однесат пред Влада, па тие ги истурија пред мостот „Гоце Делчев“.

Од СДСМ изјавија дека на „наводниот протест“ на земјоделците, освен партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ, речиси изостанале вистинските земјоделци.

„Таканаречениот протест на земјоделците пред Владата не беше ништо освен партиски протест на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ги докажува безидејноста и очајот во која е западната опозициската партија. На партискиот собир недостасуваа вистински земјоделци. Наместо нив јавноста виде истакнати партиски функционери, претседатели на месни комитети, на општински комитети на Неготино, на Радовиш, семејства на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, вработени во државни институции кои глумеа лажни загрижени земјоделци“, порачаа од СДСМ.

Дека е така, тврдеше и „А1oн“ која објави дека на протестите во Скопје и во други градови изминатите денови имало повеќе членови од ВМРО-ДМНЕ, при што најголемо внимание привлече Пепица Честојнова, девојка облечена во кошула „Барбери“ која на интернет може да се најде по цена од 200 долари. Таа за „А1 он“ изјавила дека не е земјоделка, но протестира бидејќи нејзините дома се занимаваат со земјоделство. Сепак, извори за „А1он“ открија дека нејзините родители немаат некои допирни точки со земјоделството – нејзината мајка Павлинче Честојнова е пратеничка во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот татко Богдан Честојнов работи во Министерството за одбрана.

„А1он“ минатиот месец објави аудиозапис на кој се слуша дека општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ стојат зад организацијата на протестите на земјоделците што се одржаа во Тиквешкиот Регион. Снимката била снимена на состанок на 14 септември во партиски простории во Неготино. Во разговорот се слушаат разни дилеми – дали да се протестира на три локации или една, како да се соберат најмалку 150, наместо 30 луѓе како дотогаш, како да се мобилизира Унијата на жени, на млади… Се спомнуваат и забелешки од централата дали на протестите требало да се појавуваат претседателите на ОК, но и најави дека ако блокадите станат помасовни, тогаш  – и лидерот би можел да дојде.

На протестите присуствуваше и Александар Трајковски, советникот од Општина Гази Баба кој доби отказ од Царинската управа откако го посети експремиерот – азилант Никола Груевски во Будимпешта, а се бранеше потоа дека таму бил затоа што имал проблеми со синусите.

Поради овој квазипротест во саботата беа блокирани булеварите околу зградата на владата, така што скопјани мораа да одат пеш или да стојат заглавени во околните улици, нешто што веќе подолг период го парализира и животот и бизнисот во градот.