Партијата нa пензионери не се откажува од соработката со СДСМ

Членството е поделено, раководството е на два различни пата.
Откако Извршниот одбор на Партијата на пензионери неодамна донесе одлука за коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ дел од нејзиното раководство на централно и локално ниво, денеска на прес-конференција објавија дека на претстојните локални избори ќе продолжат со поддршка на досегашниот коалициски партнер СДСМ.
„Со СДСМ делиме исти идеолошки вредности, имаме компатибилни програмски цели и пензиски политики и соработуваме на принципиелни основи. Наш приоритет останува правично, стабилно и долгорочно остварување на интересите на пензионерите во земјата“, изјави потпретседателот на Партијата на пензионери Миле Андоновски.
Тој соопшти дека во наредните денови, претставници на партијата ќе остварат директен контакт со локалните изборни штабови на СДСМ и коалицијата, со цел активно вклучување во нивните предизборни и изборни активности.
На прашањето што доколку останатиот дел од раководството и членството на партијата не се согласува со нивната одлука, тој рече дека тогаш би дошло до поделба на партијата.
Од партијата информираат дека одлуката на Извршниот одбор за отпочнување коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради, како што велат, многубројни критики, разочарување и револт меѓу членството. Како главни причини за отфрлање на оваа одлука се наведуваат несоодветното образложение, потенцијалното фаворизирање на лични политички амбиции на поединци, како и идеолошките разлики и несогласувања во пензиските политики меѓу двете партии.
„Нелогично е преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата и прокламираните пензиски политики и мерки на ВМРО-ДПМНЕ со идеологијата и пензиските политики на ПП утврдени во програмата на партијата, што води кон обезличување на ПП и губење на нејзиниот политички идентитет“, рече Андоновски.
Партијата, исто така, упати критика кон, како што велат, популистичките пензиски политики на актуелната власт, меѓу кои ја наведоа мерката за линеарно зголемување на пензиите, кои ги оценија како обид за предизборен поткуп на пензионерите.
По оваа прес-конференција реагираше ВМРО-ДПМНЕ кое ја обвини Партијата на пензионери дека ја лаже и манипулира јавноста.
„Партијата на пензионери не може да излезе од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од едноставна причина што никогаш оваа партија не била дел од неа. Но точно е дека оваа партија пред само неколку месеци излезе од коалицијата со СДС. Со зачуденост гледаме на нивното постојано променливо однесување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.