Партијата на Трифонов се заканува дека ќе ја напушти владата поради Македонија
Има таков народ се жали дека министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, била изолирана во владата
Се комплицираат работите во владејачката коалиција во Бугарија. Една од причините е можното кревање на блокадата за Македонија.
Пратеничката Ива Митева од Има таков народ (која е и поранешна претседателка на собранието) објави дека политиката на владата во однос на бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ, како и притисокот што врз нивниот кандидат за гувернер на централната банка може да доведе до повлекување на партијата на Слави Трифонов од владејачката коалиција.
„Гледам дека нашата министерка за надворешни работи (Теодора Генчовска) се чини дека е изолирана и гледам засилени акции на премиерот Кирил Петков во оваа насока уште од неговата прва посета на Северна Македонија и не знам дали сите овие акции се координирана или не со неа“, нагласи Митева за Нова ТВ.
Премиерот Кирил Петков вчера вети дека нема да се донесе решение за спорот со Македонија без парламентот, па и дека опозицијата ќе биде вклучена во процесот. Неделава Трифонов на Фејсбук напиша дека „некаде во мрак е договорено“ да се укине ветото за преговорите на Скопје со ЕУ.
ИТН се жали дека групацијата на Петков, „Продолжуваме со промената“, вршела притисок врз нивниот кандидат за гувернер, пратеникот Љубомир Каримански, да се се повлече од трката и дека му било понудено место во Светска банка. Вториот кандидат, Андреј Ѓуров, е предлог на „Продолжуваме со промената“. Има идеи и двајцата да се откажат од канидатурата, но Митева вели дека Каримански не помислува на тоа.
Денеска и претседателот на државата, Румен Радев, го критикуваше Петков околу неговите политики со Македонија. Според Радев, советниците на бугарскиот премиер Кирил Петков никогаш не треба да ги оквалификуваат „македонските Бугари како малцинство“, бидејќи тоа може да го уништи целиот процес на европската интеграција на Македонија.