Партијата на Трифонов го објави списокот на министрите, Ради Најденов е шеф на дипломатијата


Амбасадорот Ради Најденов треба да биде новиошт шеф на бугарската дипломатија ако владата на ИТН добие поддршка во собранието

Мандатарот за новата бугарска влада, Пламен Николов, денеска го објави списокот на министрите на владата на партијата Има таков народ (ИТН). Според пишувањето на бугарските медиуми, новата влада е составена главно од партиски фигури на ИТН, а во неа се наоѓа и претходниот мандатар Петар Илиев, чие име беше повлечено поради критиките дека неговата докторска дисертација била плагијат. Илиев треба да биде министер за внатрешни работи.

Она што е интересно за македонската јавност е дека за министер за надворешни работи повторно се предлага Ради Најденов, искусен дипломат, кој сега е амбасадор на Бугарија во Швајцарија. Преходно, Најденов бил шест години амбасадор во Австрија и шест години во Германија. Во службената влада на Огњан Герџиков во 2017 година тој три месеци беше и министер за надворешни работи. По изборите пролетта 2017 година, редовен министер за надворешни работи стана Екатерина Захариева, а на 1 август 2017 беше потпишан Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Најденов бил шеф на кабинетот на премиерот Симеон Сакскобурготски, а во мај 2011 бил назначен за постојан секретар на Министерството за надворешни работи, што е највисока позиција во бугарската дипломатска служба.

На клучната позиција, министер за финансии, е предложен Пламен Данаилов, за кого бугарската јавност смета дека е еден од најодмерените и најпрофесионалните луѓе во финансискиот тим на Има таков народ.