Партијата на пензионери е категорично против зголемување на прагот за пензионирање
Партијата на пензионери категорично е против и не ја прифаќа иницијативата за зголемување на прагот за пензионирање, кој сега изнесува 64 години живот.
За Партијата на пензионери, исто така, се неприфатливи образложенијата на предлагачите на ваквата иницијатива, која, како што се вели во соопштението до медиумите, наводно има за цел да се подобри финансиската положба на Фондот за ПИО, како и да се намали зависноста од државниот Буџет.
Од партијата сметаат дека зголемената зависност од државниот Буџет, во овој и идниот период, за редовна исплата на пензиите, не е никако поврзана и предизвикана од актуелниот законски праг за остварување на право на старосна пензија, бидејќи, во периодот од донесување на оваа законска одредба, па се до Одлуката на Владата за линеарно усогласување на пензиите, зависноста на Фондот за ПИО кон Буџетот на државата континуирано се намалуваше.
Доколку се подигне прагот за пензионирање на 67 години се намалуваат шансите за вработување на младите кадри и се зголемува притисокот за нивно заминување во странство, посочуваат од Партијата на пензионери.
Тие сметаат дека се потребни политики со кои на нашето стопанство му се помага да може да оствари отворање на нови и подолгорочно одржливи работни места, зголемување на вкупниот број на вработени, особено млади, како и редовно исплаќање на плати и придонеси, зголемување на сите плати и реалната куповна моќ на вработените, намалување на сивата економија, и зголемување на процентот кој се исплаќа за придонеси од плата (ПИО и ФЗО), доколку се појави акутна потреба за интервенција за заштита на стабилноста на ФПИО и редовна исплата на пензиите.