Партијата на Каракачанов се заканува со референдум ако Петков попушти пред Македонија


Бугарската националистичка партија  ВМРО-БНД повика на мирен собир денес додека заседава Консултативниот совет за национална безбедност (КСНС) кој ќе расправа за Македонија.  Од партијата предупредија дека ако бугарските власти им го свртат грбот на националните интереси поради деловни зделки со Скопје, партијата ќе почне процедура за национален референдум по тоа прашање. Како што соопштија од ВМРО-БНД, повод за мирниот собир се „противречните изјави на премиерот Кирил Петков, како и некои негови постапки“.

„Една од нив е испраќањето на неговата советничка Весела Чернева во Скопје во првите денови од јануари, без никаква јасност со каква цел е направена посетата и што било разговарано. Според информација на ВМРО, на тие разговори не бил повикан бугарскиот конзул, што ја прави ситуацијата уште позагрижувачка. Исто така, потсетуваме дека Чернева беше еден од најголемите критичари на ветото наметнато од Бугарија за членството на РСМ во ЕУ. Нема да дозволиме правата на Бугарите во Македонија и нашата историја да станат разменлива монета за нечии нечисти политички интереси. Повторно ги повикуваме сите партии во парламентот да не отстапуваат од веќе поставените услови: да бидат гарантирани правата на Бугарите од другата страна на границата, да запрат репресиите и малтретирањето врз нив“, потенцираат од ВМРО-БНД.

Според нив, не може Бугарите во РСМ „да бидат истргувани за визи, авионски линии или финансиски коридори“. 

Консултативниот совет за национална безбедност ќе се одржи денеска во  14 часот по локално време.